На 5 октомври од 11 до 13 часот, Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје познат како Денис Космонаутко организира инклузивен настан наречен „Пешачиме за поддршка“. Јанкуловски ги кани сите граѓани да му се придружат на прошетката која ќе започне од споменикот на Гоце Делчев, ќе се движи низ Градскиот парк до хотелот „Александар палас“. Целта на настанот, како што вели тој, е да им се даде поддршка на лицата со атипичен развој.

Сакаш да дадеш поддршка за различностите?
Ти недостасува дружбата со пријателите и другарите?
Ти недостасува рекреација?
05.10 е датумот на кој можеш овие работи да ги комбинираш и оствариш.
Каде – во градски парк Скопје, прошетка од споменикот на Гоце Делчев низ парк до хотел Александар Палас
Кое време – од 11 до 13ч, збирно место 11ч кај споменикот на Гоце Делчев кај фонтаната
Зошто – 1. за да дадеме поддршка на нашите атипични другарчиња и нивните семејства, уште еднаш да покажеме дека ние сме тука за нив
2. за да се видиме и помуабетиме во една опуштена и релаксирана атмосфера, да прашаме, да се запознаеме, да дознаеме како ние може да придонесеме.
3. за да се релаксираме од глупостите и мачнотии со кои сме бомбардирани
Кој е поканет – сите, тоа значи атипични, типични, мали и големи, вораст од 1 месец па се’ до сите месеци, со куче или точак, тивки или гласни, вакви, такви, онакви, инакви. Секакви, различни но и многу слични. А сите насмеани ❤️ значи буквално секој кој сака да се дружи, да си помине убави дружбени саати и да покаже дека прифаќа и почитува.
Што треба да донесете – насмевки, прегратки, расположение и многу многу љубов
Битно – Пешачиме онаму каде можат сите да се движат.
Идејата е вакви дружби да правиме секогаш кога ќе ни дозволат временските услови, да стане еден вид традиција. Неформални, опуштени, разговорни, другарски. Оваа дружба на 05.10 ја правиме во сабота заради други фактори, но начелно „Пешачиме за поддршка“ ќе биде во недела, независно дали е секоја недела, еднаш или двапати месечно. Ве чекаме на прошетка муабет – стои во објавата за настанот организиран од Денис Космонаутко.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.