Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, при посета на мостот „Беласица“  соопшти дека првичните информации говорат оти благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот.

Сакам оваа прилика да ја искористам и да ги замолам сите институции кои се сметаат за засегнати да не шират страв и паника кај граѓаните со паушални тврдења кои се однесуваат на било какви наводни структурни оштетувања на мостот, изјави Арсовска.

Таа посочи дека Службите на Градот Скопје и таа лично уште од првата вечер се на терен на увид во настаната штета при пожарот.

Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија туку и пошироко професорот Михаил Гаревски кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој, изјави Арсовска.

Таа напомена дека заедно со помошта на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги превзема сите потребни проверки со цел да бидеме сигурни дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата која би можела пожарот да ја нанесе на мостот „Беласица“.

Арсовска упати апел до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот „Беласица“ како што тоа го прави Градот Скопје со цел, како што истакна, да дојдеме до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.