Од Град Скопје реагираат на веста дека градоначалничката Данела Арсовска заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба   поради незаконско поставување на в.д директори на МКЦ и Зоолошка градина.

Жалиме што Државната комисија за спречување на корупција наместо да се занимава со она што е нивна надлежност и да констатира корупција, тие се занимаваат со тривијалности и исполнување на политички агенди. Секако, за барање на корупција онаму каде што навистина постои сомнеж треба и храброст. Одлика, која за жал не ги краси членовите на Антикорупциската комисија. Добро е сепак што ДКСК поднеле кривична пријава за која воопшто Град Скопје не е известен, а дознаваме од медиумите, за еднаш да се расчисти маглата која ја сеат разни политиканти. Секако, членовите на ДКСК ќе мора да ја докажат и сопствената надлежност во постапувањето по овој „предмет“ пред соодветна судска инстанца, се вели во реакцијата од Град Скопје.

На вчерашната 89 седницаДржавната комисија за спречување на корупција утврди дека градоначалничката на Град Скопје постапила спротивно на законот при именување на Драган Илиевски за нов в.д директорот во скопската Зоолошка градина. Илиевски бил именуван за директор, иако тој не го исполнувал условот претходно да биде вработен во самиот објект.

Како што информираа од ДКСК, извршен бил вонреден инсекциски надзор и според записникот од надзорот бил утврдена неправилност по што инспекторот упатил укажување напомена за отстранување на констатираната неправилност согласно предвидениот законски рок, со напомена дека за сторената повреда на член 34 од Закоот за култура не е определена ниту пропишана прекршочна санкција.

Инспекторатот утврдил дека претходниот директор Кристијан Стаменов бил разрешен од функцијата, додека две недели подоцна е именуван Драган Илиевски. ДКСК констатира дека пријавата и документите ги содржат потребните акти со кои се утврдува наведената постапка, ваквото постапување на градоначалникот на Град Скопје упатува на преземени активности за именување на лице за вршител на должност на јавна установа спротивно на членот 34 став 1 од Законот за култура што претставува основ за сомневање за сторено кривично дело а тоа е злоупотреба на службената положба и овластување, појасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

Од Комисијата соопштија дека од нивна страна ќе биде поведена иницијатива до ОЈО за поведување постапка кривично гонење, поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, против Данела Арсовска. Воедно Комисијата ќе достави иницијатива за поведување кривично гонење и за в.д директорот Драган Илиевски, како и препорака до Инспекцискиот совет во врска со непостапувањето на Инспекторот кој извршил надзор.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.