За ексградоначалникот на Кисела Вода, Борче Георгиевски постојат основи за сомневање во врска со изградбата на новиот салон за автомобили на „Волво“ во Маџари, додека градоначалникот на Студеничани, Азем Садики се соочува со можна кривична одговорност по ревизорскиот извештај кој укажува на недомаќинско работење и трошење средства од буџетот
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење во Основното јавното обвинителство против поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски и против актуелниот градоначалник на Општина Студеничани, Азем Садики.

Како што беше појаснето на седница на Антикорупциската комисија, за ексградоначалникот Георгиевски постојат основи на сомневање во врска со изградбата на катастерска парцела во Општина Маџари на ул. „Перо Наков“ од фирмата „Електроелемент“, односно новиот салон за автомобили на „Волво“. За градоначалникот на Студеничани, пак, постојат основи за сомневање врз основа на ревизорски извештај за недомаќинско работење и трошење средства од буџетот, како и јавни набавки во Општината.

Нури Бајрами, член на ДКСК, во образложението за Георгиевски, меѓу другото, информира дека одобрението за градење во случајот со „Волво“, во прва фаза, е донесено на 17 февруари 2020 година, а за втора фаза на 30 септември 2020 година. Во медиумите, пак, како што нагласи, на 28 јуни 2019 година е објавена информација дека е свечено пуштен во употреба новиот салон за автомобили, токму во објектот почнат со градење како дивоградба.

Според Бајрами, по направената целосна проверка, градбата е изведена без одобрение за градба, градоначалникот постапил спротивно на Законот за локална самоуправа, што претставува злоупотреба на службената должност и овластување.

Оваа пракса покажува дека овластените општински инспектори, како што се поставени под капа на градоначалникот, тој одлучува за нивните права и обврски. Инспекторот бил на мака и тој требало да се изјаснува пред членовите на Советот, бил изложен на мобинг. На последната средба што ја имавме, дознавме од вработени дека овластениот инспектор ја напуштил работата. Ова е појава што треба да се третира на наредните дебати, за овластените инспектори навистина да можат да постапуваат – изјави Бајрами.

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, најави дека од оваа седница па натаму Комисијата секогаш ќе обработува по еден извештај на Државниот завод за ревизија и ќе доставува до Јавното обвинителство иницијативи за кривична одговорност за службени лица што ги прекршиле своите овластувања. Таа појасни дека ваквото постапување на ДКСК е во согласност членот 17.8 од Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Ивановска посочи на предметот во ревизорскиот извештај за финансиските извештаи на Општина Студеничани на основната сметка за 2020 година.

Посебно е симптоматично што ДЗР се воздржува од издавање мислења за утврдените состојби во Општина Студеничани. Тоа е состојба што значи дека на ревизорите не им е обезбедена соодветна документација за поткрепување на нивните наоди. Ова е полошо од издавање негативно мислење – изјави Ивановска.

Таа појасни дека ревизорите не издале мислење, затоа што во 2020 година на сметката на Општина Студеничани биле исплатени средства во вкупен износ од 2,4 милиони денари без соодветна поткрепувачка документација, а вклучуваат поправки и тековно одржување на улици и патишта во износ од 1,9 милиони денари на двајца добавувачи по фактури, а нема ни прилог дека работите се извршени и одобрени. За поправка на возила се исплатени 205 илјади денари, за што нема работен налог…

На членовите на Советот на Општина Студеничани и на градоначалникот им се исплатени средства во износ од 908 илјади денари по основ на месечен надоместок за присуство на седници кои, пак, воопшто не се одржале – информира претседателката на ДКСК.

Ивановска, меѓу другото, посочи дека ваквиот начин на работење не е во согласност со Законот за сметководство на буџетите и на буџетските корисници, каде што прецизно стои дека внесувањето на податоците во деловните книги се засновува на веродостојни, вистинити и уредни сметководствени документи како доказ за настаната финансиска промена односно трансакција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.