Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Превод во движење“ организира работилница за книжевен превод „Преводот како движење меѓу културите“. Работилницата ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква, на 23, 24 и 27 јуни.
Работилницата ќе опфати различни формати: работа на конкретен превод, презентации, разговори со преведувачи и уредници на издавачки куќи, дебати и дискусии. Предавачи на работилницата се проф. д-р Ирина Бабамова, проф. д-р Калина Малевска, проф. д-р Милан Дмјановски и Живко Гроздановски.
Целта на работилницата е на сите заинтересирани преведувачи да им се понуди можност за професионално усовршување, дополнителна обука, како и преку дебати и дискусии да се поразговара за состојбата во која се наоѓа преводот во нашата земја и да се создадат нови можности за идна соработка меѓу преведувачите и издавачите.
Работилницата е бесплатна и секој заинтересиран своето учество може да го пријави на следната електронска пошта: contact@gotenpublishing.com.
„Превод во движење“ е меѓународен проект кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија. Целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји. Исто така, во рамки на проектот ќе бидат организирани и работилници за книжевен превод, преку кои ќе се зајакнат капацитетите на преведувачите.
Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.