В понеделник почнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година, во рамки на 12. седница на Собранието. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на седницата.
Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет мво која беа усвоени два амандмани, по што Владата завчера, на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства – за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.
Со подготвениот и надограден ребаланс се проектираат средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината – за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, здравството,… Обезбедени се средства за исплата и зголемување на платите во јавната администрација согласно сите потпишани колективни договори, објасни неодамна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Се обезедија надополнувања во Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на лични податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, министерствата за внатрешни работи, за образование и за транспорт и врски, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител,… Во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, во Инспекциски совет 147 илјади денари за набавка на опрема, во МВР 60 000 000 денари за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138 000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител, информира Димитриеска-Кочоска.
Со ребалансот се обезбедени 5,1 милијарда денари дополнително за исплата на пензии 800 милиони денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, една милијарда денари за ТИРЗ, 1,7 милијарди денари за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни, за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии, а издвоени се и шест милијарди денари за проекти во општините.
На утрешната собраниска седница има вкупно 34 точки. Пред пратениците се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2024 година, по скратена постапка, како и Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2023 година.Треба да бидат разгледани и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, Предлог-законот за изменување на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, Предлог-законот за изменување на законот за прекинување на бременоста, Предлог-законот за изменување на Законот за евиденциите во областа на здравството, Предлог-законот за изменување на Законот за забрана на развивање, производство, складирање и употреба на хемиски оружја, Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност во снабдувањето со крв, Предлог-законот за изменување на Законот за ментално здравје, Предлог-законот за изменување на законот за континуирано стручно усовршување на докторите на медицина, Предлог-законот за изменување на Законот за доброволно здравствено осигурување, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, Предлог-законот за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад, Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за oдликувања и признанија на Република Македонија, сите во прво читање.
Меѓудругите, на дневен ред е и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, за којшто пратениците од Левица најавија дека ќе бараат да биде повлечен и јавна расправа, а реагираше и О2 Иницијативата.
На дневен ред на 12. седница се и повеќе предлог измени и дополнувања на законите од областа на културата, сообраќајот, шумите, ловството, спортот,…, кои треба да се донесат по скратена постапка, како и Предлог-просторниот план на Национален парк Пелистер 2016-2030.
Собранието треба да ги разгледа и предлог-законите за прогласување на Kањонот Матка и на Охридско Езеро за споменици на природат, како и на Студенчишко Блато за Парк на природата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.