Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), ја осудува агресивната јавна комуникација на актуелниот пратеник и лидер на политичката партија „Левица“, Димитар Апасиев кон новинарот Љупчо Златев.
На својата Фејсбук страница пратеникот Апасиев со јавна објава тенденциозно го етикетира и омаловажува колегата Златев преку вулгарни навреди кон него и со груби политички квалификации за медиумот „Лидер.мк“. Освен ова, авторот на објавата дозволува навредите и омаловажувањата од други корисници да продолжат како посебни коментари од страна на трети лица, очигледно симпатизери на оваа политичка партија.
Преку ваквата непримерна комуникација, освен обидот за јавна дискриминација на новинарот Златев и медиумот во кој тој работи, пратеникот Апасиев јавно провоцира и други лица да споделуваат погрдни зборови но и закани упатени кон колегите и овој медиум. Фактот што овие закани како и говорот со елементи на омраза остануваат како одговор на објава на пратеникот Апасиев, истите можат да поттикнат дополнителна омраза но и насилство кон новинарите.
Пратеникот Апасиев има репутација јавно да се пресметува со новинари и медиуми за кои не му се допаѓа како известуваат а исто така на неколку наврати има поднесувани тужби кон новинари за процеси кои потоа ги има загубено или се има повлечено.
Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години. За поведението на пратеникот Апасиев, ЗНМ ќе ја извести и Европската федерација на новинари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.