Во текот на наредната недела ќе почнат со работа пет нови КОВИД амбуланти на територијата на градот Скопје. Епидемиолошката состоба во државата е стабилна и за сега нема да има дополнителни превентивни мерки, рече денеска на прес-конференцијата портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

На денешниот состанок на Комисијата се анализирала епидемиолошката состојба, при што е констатирано дека има зголемување на бројот на новозаразени случаи, но оти состојбата во болниците е стабилна. Мехмедовиќ посочи дека нема зголемување на бројот на хоспитализирани во болниците.

Тоа значи, потенцира Мехмедовиќ, дека болничките капацитети сè уште се доволни за да можат да ги згрижат сите оние граѓани кои имаат потреба.

Градот Скопје, како што рече портпаролот, во моментот е најзасегнат со новозаразени пациенти и поради тоа е одлучено новите пет ковид амбуланти да се наоѓаат на територијата на главниот град. Поточно, во просториите на Здравствен дом – Скопје и ќе бидат во петте поголеми поликлиники во Скопје – во „Идадија“, „Горче Петров“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и во Чаир.

Со постоењето на КОВИД амбуланти вака дисперзирани, ќе биде покриена целата територија на градот и граѓаните ќе можат најблиску до своето место на живеење да добијат и дијагностика и третман за КОВИД -19, што сметаме дека ќе го олесни товарот и на матичните лекари, меѓутоа ќе ги направи и услугите во насока на потребата за КОВИД дијагностика и третман за граѓаните на градот Скопје подостапни, рече Мехмедовиќ.

Тој додаде дека најголемиот дел од оптовареноста на системот се наоѓа на примарно ниво, односно е на грбот на матичните лекари и Комисијата работи во насока на тоа да го зајакне примарниот дел од здравствениот систем.

Работиме и на тоа да обезбедиме опрема, персонал и кадар за останатите градови, меѓутоа ова е нешто што сметавме дека е ургентно и заради тоа започнавме со оваа реорганизација во рамките на град Скопје, рече Мехмедовиќ.

Поради тоа што епидемиолошката состојба е стабилна, а според бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати се уште се наоѓаме во зелена зона, за сега нема потреба од дополнителни нови мерки.

Епидемиолошката состојба, согласно сите параметри кои ги имаме, а најважните се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати, се уште не става во зелената зона. Хоспитализацијата во моментот на Клиниката за инфективни болести е само за 16 пациенти како метода применета, имаме девет пациенти кои се на кислородна поддршка и сметаме дека системот се уште има голем простор за тој дел да се пополни и да се дадат услуги во делот на хоспитална грижа на пациентите. Најважно е да се фокусираме, како што кажав, на примарниот здравствен систем и тоа сега го правиме преку отворање на КОВИД амбулантите, рече Мехмедовиќ.

Според портпаролот на Комисијата, трансмисијата на вирусот е висока, но во исто време не предизвикува многу често тешка клиничка форма на болеста и не ги преполнува болниците. Тој потенцираше дека очекуваат да има висок број на позитивни случаи, но не очекуваат да има луѓе кои со сериозна симптоматологија ќе завршат во болници. Но, рече, системот е подготвен и во случај да има зголемување на бројот на вакви случаи.

Тој додаде дека стомачните проблеми не се толку чести кај БА5 ковид варијанта, согласно извештајот од Институтот за јавно здравје што го имаат добиено изминативе два дена.

Стомачните проблеми не се точку чести кај оваа варијанта. Најчести проблеми кои се врзани со ковид и со омикрон варијантата и БA5 варијанта не подразбираат дигестивни проблеми. Тие се едни од поретки што ги имаме, рече Мехмедовиќ одговарајќи на новинарско прашање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.