Извештајот на бугарското Министерство за надворешни работи за текот на изготвувањето на францускиот предлог открива три факти кои ги кријат премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тајниот протокол

Бугарските медиуми пренесоа какво значење има за нив францускиот предлог, а кај нас разврската се крие зад фингирана широка општествена дебата, нескриени активности на македонската „длабока држава“ во конструирање меѓуетнички тензии и криење на клучниот документ – вториот билатерален протокол од заедничката македонско-бугарска меѓувладина комисија!!!:

После одржувањето на првата политичка меѓувладина конференција со Македонија и соодветно со Албанија за започнување на преговорите, патот на двете држави кон членството во ЕУ практично се раздвојува. Потоа тешко ќе се аргументираат обвинувањата на Бугарија дека поради блокирањето на Македонија ја попречуваме евро нтеграцијата на Западниот Балкан. Тоа значително ќе го ослабне надворешниот притисок кон Бугарија и ќе ги зацврсти бугарските позиции спрема Скопје, коментираат бугарските медиуми.

Многу е важно да не се изгуби од вид дека протокотлот кој Османи сака да го претстави само како обичен записник на меѓувладината комисија, е сѐ, само не обичен записник, затоа што во него се содржани, меѓу другото, и протоколите за постигнатата согласност на историската комисија за петте историски личности – светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и царот Самуил – како и тајминзите и преземените обврски од македонска страна за наредниот период.

Токму ова го забележа и ексминистерот за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров во телевизиско интервју.

Малку треба да се забави ова, едно панично брзање. Ми пречи ова што овие „широки консултации“ се малку како фингирани. Како можеме реално сите аспекти да ги согледаме со време, со ладни глави, кога фали еден клучен дел во пакетот,  а тоа е билатералниот протокол, изјави Димитров во „Само интервју“ на Канал 5.

Тој посочи дека тоа е клучно зашто, како што рече, протоколот е вметнат во патот што се вели дека е европски.

Објавување на овој протокол побараа и помалите владини коалициони партнери ДС, ЛДП и ДОМ, но тие имаа посебни средби и со шефот на државата и со странските гости, па неизвесно е дали ќе опстојат на барањето.

Во основа, без знаење на содржината на овој протокол ниту една институција или организација во општеството не ќе може да донесе меродавна и издржана одлука за францускиот предлог.

По објавувањето на францускиот предлог во бугарските медиуми, единствено агенцијата БГНЕС ја објави наводно содржината на овој протокол и реакциите во нашата јавност беа максимално неодобрувачки, зашто според содржината, со него Македонија, фактички, преземала апсолутно неисполнувачки обврски. Меѓу другото, и дека ќе треба да се менува таблата на Самоиловата тврдина во Охрид.

Македонски учебници со бугарски текст

Македонските отстапки ниту почнуваат ниту завршуваат со промената на таблата на Самоиловата тврдина во Охрид. Македонија нема ниту привидно да ги почне преговорите со ЕУ додека не го смени Уставот, учебниците, написите на спомениците и уште многу други услови.

Од тоа што го објавија бугарските медиуми, овој протокол предвидува Македонија да ѝ достави на Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали – со што директно историјата и учебниците ќе ги пишува Бугарија.

Дополнително, Владата се обврзува до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за VII одделение, како и нови книги, документарни и списанија, филмови и други уметнички дела, културни споменици и прослави да се спроведуваат во духот на Договорот за пријателство.

Трите факти што ги кријат Ковачевски и Османи:

1. Билатералниот и сѐ уште таен македонско-бугарски протокол е составен дел од преговарачката рамка
2. Македонија нема реално да ги почне преговорите со ЕУ додека не го смени Уставот, учебниците, написите на спомениците и уште многу други услови и
3. Со ваквиот француски предлог се раздвојува пакетот Албанија и Македонија и Албанија ќе има реален почеток на преговорите, а Македонија ќе има фотографија, „поздрав од Брисел“

Албанија продолжува по автопат, Македонија останува во ќор-сокак

Од почетокот на т.е. преговори обезбедени на францускио начин, Македонија може и ќе добие само фотоалбум од Брисел. Замрзнатите насмевки на Османи и Ковачевски ќе ѝ го одмрзнат патот на Албанија и таа ќе има реален почеток на преговорите со првата меѓувладината конференција, а Македонија ќе остане во ќор-сокакот на личните интереси на малите политичари сликани на големата бриселска сцена. По враќањето во Скопје, насмеаните Ковачевски Османи ќе мора да се занимаваат со исполнување на бугарските ултиматуми наместо да работат на на остварување на европските стандарди.

Македонија ќе биде обврзана да изготвува годишни извештаи за тоа до каде е реализацијата на ваквите промени и доколку Бугарија не е задоволна, тоа ќе биде причина за нова кочница.

Бугар Османи – џентлмен или лажго?!

Дека повеќе се работи за шпекулација, отколку за реална содржина на протоколот стана јасно по вчерашната изјава на бугарската министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска. Токму агенцијата БГНЕС ја запраша дали се прецизирани протоколите и кога бугарското општество може да се запознае со нив. Генчовска потврди дека протоколите го гарантираат националниот интерес на Бугарија и дека се држат до одлуките на бугарското Народно собрание и додаде:
Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, дека тие се склучени тој ден. Се надевам дека ќе се придржува до тоа, јас се придржувам до тоа. Нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ги почитуваат одлуките на Народното собрание.
Оттука и дилемата дали „Бугар“ Османи ќе остане повеќе џентлем или лажго?!

Одејќи по бугарски стапки во процесот на прифаќање на францускиот предлог за кревање на бугарското вето за официјален почеток на преговортите за членство, исто како и кабинетот на Кирил Петков и кабинетот на Димитар Ковачевски го испрати предлогот до Собранието без свој став. Оправдувањето или објаснувањето е дека прво треба да ги добие заклучоците на народните избраници, па да постапи по нив.

Засега единствената разлика е што во Бугарија и опозицијата и претседателот Румен Радев го повикуваа Петков да се изјасни за предлогот, па да го прати во Народното собрание, додека кај нас ваквиот повик отсуствува и од опозицијата и од шефот на државата Стево Пендаровски.

Во Бугарија клучот за разврска беше изјавата на поранешниот премиер Бојко Борисов дека неговата партија ГЕРБ ќе гласа за францускиот предлог, со што Бугарија целосно ја префрли топката на наш терен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.