Заменикот народен правобранител Јован Андоновски е во посета на Украина каде се сретна со својата украинска колешка Ирина Сивицка со која разговараше за клучните прашања на Украинците кои се наоѓаат во Македонија.

Беа дискутирани три клучни прашања: Пристапот до здравствена заштита на Украинците кои се наоѓаат во нашата држава, пристапот до образование на украинските деца, како и пристапот до работни места за привремено раселените Украинци. Се отворија и уште неколку прашања поврзани со престојот на украинските државјани во Македонија. Правобранителката Сивитска изрази благодарност и информираше за зголемениот обем на работа поврзан со прекршување на човекови права во областите во кои сѐ уште има воени активности, се вели во соопштението.

Двајцата правобранители се договориле да останат во комуникација и будно да ги следат состојбите поврзани со масовното кршење на човекови права.

Правобранителката Сивитска потенцираше дека масовните убиства во Буча и другите градови, Украина ги толкува како геноцид, како и дека Украина останува на барањето и останатите европски држави да ги класифицираат тие злосторства како геноцид. Правобранителот Андоновски нагласи дека Македонија е пријател на украинскиот народ и дека ќе направи сѐ што е возможно за да се олесни нивниот престој во нашата држава, се додава во соопштението.

По средбата во правобранителство, Андоновски имаше средби и во Јавното обвинителство со тројцата главни обвинители кои ги водат случаите против руските војници. Валериа Мелник, Емир Абдулаев и Оксана Димитриева го избрифираа правобранителот Андоновски за првите две пресуди против руските војници кои добија 11 и пол години затвор за воени злосторства. Обвинителите брифираа дека постојат индиции за над 14.000 воени злосторства, а во моментов оформени случаи обвинителството има за 79 лица. Според нивните бројки, над 100.000 лица се присилно раселени само од градот Мариопул. Една од главните теми беше и состојбата со децата. Од почетокот на војната има 689 повредени деца, а 243 загинати од кои 20 % се под 7-годишна возраст, а 137 деца се водат за исчезнати. Обвинителите се осврнаа и на депортацијата на деца. Според нив бројката надминала 1000 присилно депортирани малолетници. Во моментов, обвинителството има оформено 5 случаи за силување деца. Голема загриженост обвинителите изразија и за децата од Крим кои, според нив, веќе 8 години се милитаризираат и обучуваат да се борат против сопствениот народ. Правобранителот Андоновски нагласи дека можат да побараат и меѓународна правна помош и праша дали ќе бараат оформување меѓународен трибунал за воени злосторства. Понуди и македонска правна експертиза во обелоденувањето на воените криминални дела. Обвинителите изразија благодарност и рекоа дека секоја помош е добредојдена, но до овој момент нивното обвинителство е единствено кое отвора вакви случаи.

По двете посети, правобранителот се упати во посета на киевските предградија Ирпин и Буча каде беше откриена масовната гробница со 300 тела. Секретарот на општината Дмитро Гапченко, му ја објасни состојбата во детали и го однесе на увид и на местото на кое беше направена масовната гробница и на улицата на која беа пронајдени најголем број од мртвите тела. Андоновски имаше прилика да слушне сведоштва од преживеаните жители на Буча, како и од медицинските лица кои со денови се бореле да спасат човечки животи, се вели во соопштението.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.