Во Основниот суд во Охрид за 28 февруари е закажано судско рочиште за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, македонски Бугарин. Случајот ќе го води судијата Бојан Мартиноски, објави Телма.
Напаѓачот против кого е поднесено обвинението за нападот врз Пендиков, односно за крвично дело напад од омраза со тешки повреди е единствениот од тројцата кој е пронајден и идентификуван, а обвинителството нема официјална потврда дека другиот напаѓач кој е во бегство имал бугарско државјанство како и првообвинетиот.
Минатата недела обвинетиот на сослушувањето во ОЈО се бранел со молчење, но за стореното дело кое му се става на товар постојат снимки од надзорни камери и изјави на сведоци. Останува само прашањето дали нападот може да се квалификува дека е од омраза поради национална или етничка припадност.
Пендиков пак остана во Софија по итното префрлање таму на лекување со бугарски владин авион, ден по нападот, односно на 20 јануари, каде доби стан и обезбедување, а наскоро и бугарско државјанство и стипендија за студирање во бугарската престолнина.
Поради претепувањето на Пендиков дојде до тензии во македонско – бугарските политички односи, ново заладување и низа меѓусебни обвинувања за позадината на овој настан кој е само еден во низата од почетокот на оваа година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.