Заканите за поставени бомби во средните училишта пристигнуваат на адреса на професори, тврдат извори на Република. Според нив дел од професорите добиваат пораки на нивна меил адреса дека има поставено експлозивна направа во зградата.
-Првата дојава кога беше, ние како професори не знаевме за што станува збор. Влегоа униформирани лица и ни рекоа дека има полициска вежба, да ја напуштиме зградата. Излеговме надвор и стоејќи пред врата запрашав еден од полицајците колку време ќе трае целата вежба, да знам дали имам време да седнам од спротива кафе да испијам. Тогаш полицаецот ми рече – ма каква вежба, дојава за бомба има, тргнете се настрана. Веќе за следната дојава се направи поголема паника меѓу професорите. Колешка, професорка, побара да се види со директорот на училиштето да разговара. Добила на меил порака за поставена бомба во зградата на училиштето. Директорот не сакал да посочи дали тоа се случува и кај други професори, или таа е единствената, по што колешката отиде во полициска станица. Оттаму ѝ кажале дека главно заканите стигаат на адреси на професори, но дека изборот очигледно е сосема случаен, дека не е намерно испратена таа закана кај неа – ни раскажа професорка од скопска гимназија која сакаше да остане анонимна.
Околу приведувањето на Никола Николовски како осомничено лице за дојавите за бомби, таа вели дека било траги-комично кога добиле порака од претпоставените дали имаат ученик со такво име и презиме, а воедно бил посочен и телефонскиот број кој бил оставен во пораката за наводно поставената бомба.
Добивме вибер порака дали имаме ученик со име и презиме Никола Николовски и притоа да го има телефонскиот број кој беше посочен во истата порака. Тоа е бројот кој бил оставен во самата порака, заедно со името и презимето. Таква комбинација на име и презиме не е ретка, но се испостави дека учениците со тоа име и презиме го немаат тој мобилен телефон. Многу набрзо слушнавме на телевизија дека е приведено лицето Никола Николовски. Имаше и порака од меил кој ги имаше податоците на еден ученик, но по направената проверка беше констатирано дека не се работи за тоа лице. Но, за него немаше фама, како што се направи за Никола Николовски – додава професорката.
Таа вели дека и меѓу професорите и меѓу учениците се создава паника.
Дел од учениците во тие денови кога имаше чести дојави за поставени бомби не доаѓаа во училиште. Некои родители не дозволуваа децата да одат на училиште, а некои пак, секако, ја користеа ситуацијата, под изговор дека им е страв за нивниот живот, не се појавуваа. Но има и професори кои се во паника. Дел имаат отворено боледувавања и не доаѓаат на работа. Реално, ова со заканите направи хаос со часовите – коментира професорката.
Помина речиси еден месец од првата дојава за поставени бомби во средни училишта во Скопје, а освен бламирањето со приведувањето на Никола Николовски, сѐ чини нема ништо конкретно. Нови дојави се случуваат секој втор ден. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека знаат од кои земји доаѓаат мејловите и дека „детално ги утврдуваат фактите“.
Има неколку карактеристики, сите се лажни, но по секоја мора да се постапува според протоколот. Сега постои и посебна европска конвенција за сајбер криминал за проценка на нивото на закана и тоа заедно го работиме. Содржините на мејловите се различни. Со терористи преговори нема, а кога има лажна најава, нема да што да разговараме и ги преземавме сите неопходни мерки. Заканата се појавува среда, четврток и петок и во една смена на училишта. Тоа се дел од работите кои се анализаираат. истагата е многу комплексна, не зошто учествуваат многу оддели од МВР, туку е сложена зошто ги утврдуваме ИП адресите. Се праќаат од надвор Хрватска, Швајцарија, се креираат виртуелни мејлови. Сите интернет провајдери кои можат да воспостават ваква конекција мора да дадат одговори и тие ги проследуваме до секторот за тероризам, вели Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.