Ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со непријатен чад и мирис. Умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување, се вели во анализата на поранешниот премиер Зоран Заев за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“.
Според Заев, демократијата не е еднаш засекогаш дадена и нема крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата, како што посочува, треба да обезбедиме континуиран развој и унапредување.
-Умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување и треба заедно да се спротивстават на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир, пишува Заев.
Тој додава дека демократијата треба да изненадува со нови идеи, да ги користи мејнстрим институциите за да допре до што повеќе граѓани со своите бенефити, да изненадува со нови слободи кои ќе им се допаднат на општествата, а не да се консолидира со наведната глава пред нападите од радикализмот.
-Прашање е дали постои „консолидирана демократија“, бидејќи ако остане таква, ја одземаме нејзината суштина, а тоа е нејзината внатрешна динамика за постојан развој. Преку здружување на различните, демократијата може да надвладее над монолитните радикали, пишува Заев во анализата.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.