По настаните поврзани со изјавата на Министерството за надворешни работи за македонскиот јазик, што предизвика вистинска бура од институционални реакции во јавноста поради нејзината содржина за просторно и временско ограничување и дијалектните форми, на повидок нов скандал. Овојпат кај историчарите и членовите на македонскиот дел од заедничката мешовита комисија со Бугарија, дознава „Пресинг ТВ.
Советот на Институтот, како највисоко тело на институцијата, протоколите со Бугарија ги оцени како штетни, но неговиот директор, проф.Драги Ѓоргиев се уште молчи и се нема изјаснето за нивната содржина. Министерот за надворешни работи Бујар Османи за денеска најави средба со членовите на комисијата.
Советот на Институтот за национална историја, најстарата научна установа во Македонија, со реакција за билатералниот спор со Бугарија укажува на важноста на јазичните, културните и историските наративи, како за дефинирање на нацијата, така и за нејзиното препознавање како различна од „другите“.
Советот на Институтот за национална историја – Скопје како орган на управување, на својата редовна седница, одржана на 25 јули одлучи да се произнесе во врска со билатералните протоколи со Република Бугарија.
Поаѓајќи од фактот што Институтот за национална историја е најстара научна установа во земјата, основана со уредба од 20 јули 1948 година, поради „големото значење на националната историја на македонскиот народ“, а повикувајќи се на актуелниот Закон за научно-истражувачка дејност, кој во член 3 ги дефинира начелата на „слобода и автономност на истражувањата и творештвото, – поврзаност со образовниот систем, – етичност, – неповредливост и заштита на личноста и достоинството на човекот, разновидност на мислења, методи, теории и доктрини“, како и утврдените цели во член 4, меѓу кои и „афирмацијата на националниот идентитет“, што го вклучува и членот 5 со кој како јавен интерес за државата, меѓу другото се дефинира истражувањето во „областа на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ“, Советот е должен да укаже на штетноста на Билатералните протоколи со Бугарија, кои можат да доведат до ситуација во која општествените наративи ќе бидат во колизија со сознанијата на македонската и поголемиот дел од светската наука.
Советот на ИНИ – Скопје укажува на важноста на јазичните, културните и историските наративи, како за дефинирање на нацијата, така и за нејзиното препознавање како различна од „другите“.
Ваквата исклучиво научна ракција на Советот на ИНИ и најавената средба на Османи со членовите на комисијата, пак, наведуваат на заклучок дека колку и да се бега од тоа, сепак неизбежен е фактот дека политиката се издига над науката, во која наместо институциоиналните, доминираат индивидулните ставови на историчарите!-анализира Пресинг ТВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.