Сојузот на средношколци соопшти дека учениците од Конче втора недела немаат превоз за до училиште. Оттаму бараат од општината Радовиш да им обезбеди бесплатен превоз на учениците, што, како што велат, е нивна должност.

Не само што 66 ученици изгубија цела недела настава, туку превоз до СОУ „Коста Сусинов“ нема и за време на оваа недела. Сојузот на средношколци ја повикува Општина Радовиш да ја исполни својата законска обврска. Член 41-а став 1 од Законот за средното образование гласи: „ За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом“.

Член 44 од Уставот гарантира дека правото на образование е „достапно на секого под еднакви услови“. Превозот до училиштетото е право на секој ученик, а не привилегија дарувана од институциите. Истиот не е знак на нивна добра волја, туку должност кон граѓаните и средношколците.

Иако не бевме контактирани од страна на институциите изминатава недела, нашата понуда да фасилитираме комуникација меѓу нив е сè уште отворена. Исто така, Сојузот презема обврска да го информира Народниот правобранител за овој проблем, велат од Сојузот на средношколци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.