Во тек е вториот ден од протестот на Здружението на приватни лекари. Претседателката на Здружението, д-р Лилија Чолакова-Дервишова во изјава за МИА вели дека сè уште не се контактирани од страна на Министерството за здравство или Фонд за здравствено осигурување.
Ние три дена ќе го издржиме тоа што сме го донеле како одлука, во интерес да го подобриме статусот да го вратиме дигнитетот на здравствените работници, да ги задржиме младите тука. Барањата се тие, а приоритетно е покачување на капитационен бод, дали на ниво на Влада, на Министерство за финансии, негде треба да се донесе одлука бидејќи навистина со сите овие цени и поскапувањето, пет години постојано сè се движи само кај нас ништо не се движи, вели д-р Чолакова-Дервишова.
Според неа, целокупните трошоци на приватните лекари се многу високи, а постојано се изоставени од Буџетот.
Со доаѓањето на секој нов министер и директор ние даваме поддршка, отворени сме за соработка. Имаме прашања и до Фондот и до Министерството и наведено е што треба да се направи, ги имаме лоцирано сите проблеми и за секој проблем имаме начин како да се надмине, истакна претседателката на Здружението.
Протестот на приватните лекари започна вчера, а ќе трае до утре. Тие одлучија, преку мирен протест три дена да не даваат упати и рецепти, со барање да се покачат бодовите. Покрај зголемување на капитацискиот бод, тие меѓу останатото бараат „електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.