Во Тетово денеска почна да функционира канцеларија Европска куќа (Еurope House) на Делегацијата на Европската унија, седми таков објект во државава. Евроамбасадорот Дејвид Гир присутвуваше на отворањето на објектот и активности по тој повод кои, кои беа посветени и на Светскиот ден на животната средина.

-Во некои култури бројот седум значи нешто кога се завршува, се комплетира. Со самото отворање на седмата канцеларија на Јуроп Хаус всушност се комплетира отворањето на целосната мрежа на Јуроп Хаус којашто почна со првата канцеларија во Скопје за да продолжи во Крива Паланка, во Струмица, во Велес, во Битола, минатата недела Јуроп Хаус се отвори и во Струга. Јуроп Хаус е место за новите генерации, каде младите може да се соберат да поразговараат за прашања кои се важни за нив и исто така да можат да разговараат за прашања кои се поврзани со иновативноста, всушност прашања кои се важни за самата Европска унија, рече амбасадорот Гир.

Преку мрежата на Јуроп Хаус лани биле организирани над 900  активности со присуство на 36 илјади лица.

– Денес отвораме Јуроп Хаус во Тетово, град којшто е мултиетнички, исто така град којшто навистина има многу различна култура, различни јазици со два универзитети и шест средни училишта. Верувам дека оваа Јуроп Хаус ќе ја привлече таа енергијата на овие млади луѓе, да може да им даде правец кон Европската унија и ќе може да го подобри квалитетот на нивниот живот во Тетово и во регионот. Нашата вложување во Јуроп Хаус всушност не е ништо друго туку инвестиција во младите како инвестиција во Европската унија на оваа земја, истакна евроамбасадорот Гир.

Европската куќа во Тетово се наоѓа во поранешните  простории на библиотеката „Кочо Рацин“ во рамки на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Програмата ќе биде заокружена  вечер со концерт на уметницата, музичар и вокалист Зарина Првасевда и нејзиниот ансамбл, кој ќе се одржи пред објектот во 20 часот.

Претходно, во текот на денот амбасадорот Гир предаде мобилна библиотека финансирана од ЕУ од проектот „Регионална мрежа за културна разновидност – РИД)“ на организацијата ЛОЈА од Тетово. Првата активност на Јуроп Хаус Тетово беше дебата „Тетово за нова, позелена генерација“ со студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.