Во Судскиот совет веќе пристигнала претставката која Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја најави вчера, а во врска со пресудата на Врховниот суд за одземање на имот на Синдикатот, конкретно на зградата Работнички дом во Скопје.
Од ССМ вчера изјавија дека бараат оставки од судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев, Исамедин Лимани од Врховниот суд кои ја донеле пресудата. Оттаму порачаа дека, доколку судиите не ги поднесат оставките до петок, ќе почнат постапка пред Судскиот совет за нивно разрешување.
Од Судскиот совет, во соопштението објавено на неговата официјална интернет-страница, информираат дека претставката е веднаш распоредена кај член на Советот и дека во тек е постапка по неа.
„Судскиот совет на Република Македонија со внимание ги следи реакциите во јавноста, во врска со Одлуката на Врховниот суд на Република Македонија, која се однесува на Сојузот на синдикатите на Македонија и во рамките на своите надлежности презема дејствија во насока на констатирање на состојбата. До Советот доставена е претставка од Сојузот на синдикатите на Македонија, истата веднаш е распоредена кај член на Советот и во тек е постапка по претставката“,
се наведува во кусото соопштението на Советот.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, вчера на прес-конференција изјави дека тројцата судии, кои биле во Советот од пет судии на Врховен, покрај Елица Крстевска и Анета Бошковска, кои гласале против ваквата одлука, ја донеле пресудата со нивно слободно убедување без аргументи, со користење закон што не е во сила.
Како што образложи Трендафилов, тројцата судии, во пресудата се повикуваат на закон од 1998 година кој не е во сила, затоа што во 2010 година е донесен нов, во кој е наведено дека со неговото стапување во сила престануваат да важат одредбите од претходното законско решение.
„Многу ми е жал што овие врховни судии не знаат дека од 2010 година има нов закон за здруженија и фондации во кој во членот 2 се наведува дека одредбите од овој закон не се однесуваат на политички партии, цркви, верски заедници, религиозни групи, синдикати, комори и други видови на здружување утврдени со посебни закони“,
рече вчера Трендафилов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.