Генералниот Конзулат на Грција во Битола и Здружението за пријателство и соработка со Грција, „Пелагонија“, на 9 февруари организираа настан за одбележување на Светскиот ден на грчкиот јазик со тема „Грчкиот јазик надвор од границите на Грција: неговиот придонес и перспективи“.

Главен говорник на настанот беше професорката по применета лингвистика на Универзитетот на Западна Македонија, Елени Грива. Воведно излагање имаше раководителот на настава и сертифицирање на познавањето на грчкиот јазик на Здружението „Пелагонија“,Кристијан Велјанов.

На настанот беше прикажана видео порака од Заменик Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Коцирас, како и видео поздрав од Генералниот Секретар за грчката дијаспора и јавна дипломатија при грчкото Министерство за надворешни работи, Јанис Хрисулакис, додека Амбасадорката на Грција, Софиа Филипиду, го поздрави настанот преку интернет конекција. Настанот го поздравија исто така Генералниот Конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис и Претседателот на Здружението „Пелагонија“, Евгениј Ристевски.

На крајот од настанот следеше церемонија за доделување сертификати за познавање на грчкиот јазик за 2023 година, како и почесни плакети на професорката Елени Грива и Кристина Петалоти, раководителка на Катедрата за меѓународни односи и односи со јавност на Универзитетот на Западна Македонија за нивниот придонес во ширењето на наставата по грчкиот јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.