Со писмено соопшение се огласи ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски во кое се вели дека францускиот предлог кој го добила македонската влада е најдобриот досега во изминатите неколку години.

-ВМРО-Народна партија ги разбира сите оние кои се против францускиот предлог и против напредокот на Македонија на европскиот пат.

Меѓутоа неможе да ги разбере оние политичари и интелектуалци кои со сила и свесно, најверојатно поради партиски причини, сакаат да ги манипулираат македонските граѓани.

Како што видовме во вчерашните реакции најмногу се манипулира со местото на македонскиот јазик во понатамошниот наш пат кон Европската унија.

Ако нешто е кристално јасно во овој договор тоа е дека македонскиот јазик е кристално чисто дефиниран и тоа ќе биде јазикот со кој понатаму Македонија ќе комуницира и договара со целиот свет.

На крајот на краиштата излегува дека всушност најголемиот проблем на овој предлог е што бугарското малцинство треба да влезе во Уставот на Македонија. А ако на некој тоа му пречи тогаш за тоа ќе треба да се прави посебна анализа.

Околу правните процедури дека можеле пак да ни стават вето сакаме да потсетиме дека тоа не е поради овој договор туку поради реформите кои Европската унија ги направи пред три години, на иницијатива на Франција. Таа можност апсолутно не е предизвикана од страна на нашиот источен сосед.

Затоа ВМРО-Народна партија уште еднаш смета дека францускиот предлог е досега најдобриот предлог во последните неколку години откако излезе спорот со соседна Бугарија.

И уште еднаш повикуваме да се престане со манипулациите и создавањето на атмосфера на драма и трагедија која во минатите триесет години барем четири пет пати сме ја гледале за разни теми и на крајот сме плаќале уште поскапа цена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.