Зборувајќи за иднината и она што го очекува од секој градоначалник претседателот на ВМРО-Д-МНЕ Христијан Мицкоски потсети на отвореното писмо што го испрати до градоначалниците на почетокот од нивните мандати.
Пред почетокот на кампањата на локалните избори кога ги посетував општините на секој градоначалник му дадов отворено писмо на принципи и очекувања кои ги барам од секој еден од нив. Тогаш во тие писма потсетив дека доста беше од локални бизнис моќници, и ново компонирани инстант бизнисмени кои се доближуваат до локалната самоуправа само да се доберат до маркица за некоја нова зграда, нов бетон во кој ќе се гушат граѓаните. Кога ќе дојде некој таков, побарав веднаш да го избркате толку силно што никогаш друг пат нема да му текне да направи таков нечесен потег. Кон трошењето на парите во општината мора да имате пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. Доста беше расипништво. Не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон. Кога ќе се гради, треба да се гради паметно и со план за иднината. За 4 години не смее да има урбано место кое нема да има канализација, водовод кој се гради за да има пристојни услови за живот. Мора да се борите за секое работно место, и да носите нови инвестиции. Нов елан, народот да почувствува нова енергија и да бидете заштитници и двигатели на развојот на економијата. Имаше и такви до пред една година градоначалници од власта кои се постоветуваа со Господ. Вие му служите на народот, а не тој вас, и не сте Господ. Далеку од тоа. Треба да останете слуга на народот, на својот град, на својата татковина. И никогаш да не ги разочарате граѓаните и Македонија.
И ова што досега го кажав беа дел од тие писма и овие пораки една година потоа, задоволен сум што се запазени и испочитувани. Така треба да се продолжи. Кога станува збор за иднината, треба да погледнеме на реалноста, а таму централната власт со својот непријателски однос удира по општините. Ударот по општините на крајот е удар по својот народ врз чиј грб се одразува секоја опструкција, секој удар и кратење на средства. Затоа општините се принудени сами да се борат и заедно да изнаоѓаме механизми како да се дојде до нови инвестиции и средства за граѓаните. И тоа го правиме. Сакам да објавам дека општините ќе започнат со новина на издавање на општински обврзници. Секое домаќинство, правно и физичко лице, ќе може да учествува во купување на тие обврзници, пари кои ќе се употребат за градење на капитални проекти, улици, патишта, булевари, водоводи канализации, нови градинки и училишта, па дури и економски општински зони. За разлика од сега, каматната стапка за депозит во банка е до 0.5 %, каматните стапки за седумгодишен период на граѓаните и компаниите кои ќе учествуваат во купувањето на овие обврзници, ќе бидат 9 до 10 пати поголема односно од 4,5 до 5 %. Така општините ќе дојдат до свежи пари, граѓаните и компаниите кои ќе дојдат до тие средства ќе можат да очекуваат за неколику проценти повисока каматна стапка и заработувачка, а населението многу нови проекти. Оваа новина која до сега не била спроведена очекувам да започне до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на наредната година, рече Мицкоски.
Мицкски нагласи дека сево ова доаѓа како резултат на односот на централната власт кон општините, која сака тие да зависат од неа. Според него, ВМРО-ДПМНЕ го трасира патот кон револуцинерна мерка која на општините ќе им обезбеди самостојност и инвестициски вложувања.
Во приодот што следи ќе се формираат буџетите на општините за наредната година. За прв пат до сега градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги планираат буџетите заедно со граѓаните и според нивните потреби. Ќе се отворат вратите за предлози, идеи и потреби на граѓаните, компаниите и општествените чинители и во консултација со нив ќе се испланираат активностите за наредната година. Ова ќе биде системска акција која ќе се реализира организирано во неделите до крајот на годината. Буџет заедно со народот, наместо затворени во канцеларии и без слух за реалните потрби, рече тој.
На крајот на обраќањето претседателот на ВМРО-ДПМНЕ им се заблагодари на градоначалниците за нивниот ангажман и посветеност.
Им се заблагодарувам и на советниците и претседателите на совети низ општините за својата посветеност и лојалност кон ветеното и целите кон кои се стремиме. Благодарност и до тимот кој го направи овој прекрасен саем, одржан за прв пат од политичка партија во Македонија. Да останеме на истиот пат на промени што носат иднина, рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.