Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најави дека во текот на денот од партијата ќе го соопштат ставот дали ќе ја прифатат поканата за учество на лидерската средба свикана за в понеделник од премиерот Димитар Ковачевски.
Мицкоски појасни дека одлуката ќе биде донесена откако ќе направи консултации со коалициските партнери, со пратеничката група и со Извршниот комитет на партијата.
Очекувам дека телефонски ќе имам можност да се консултирам со коалициските партнери, со пратеничката група, со Извршниот комитет и во саботс ќе соопштиме дали ќе одиме и ако не, зошто не одиме, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по извршениот увид во градежните активности за асфалтирање на Бруснички пат во населеното место Брусник во Битола.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, испрати покана за лидерска средба со претседателите на сите политички партии застапени во парламентот за 7 ноември, која треба да се одржи во Собранието, со цел, како што рече, да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.
Прашан како партијата ќе ја оствари целта за предвремени избори, Мицкоски вели дека тоа ќе го сторат „со обезбедување на 61 пратеник во Собранието“, на што напорно работат.
Во однос на тоа дали во евентуалната идна влада на ВМРО-ДПМНЕ би коалицирале со ДУИ, Мицкоски вели дека како партнери ги посакуваат партиите од албанскиот опозициски блок.
Тоа не сме кажале никогаш дали ќе коалицириме со ДУИ или со која било друга политичка партија, може и да не коалицираме со ДУИ. Наша цел и амбиција во делот на албанскиот блок е албанската опозиција, но има правило на Бадентер и ние мора да го почитуваме и ќе се водиме по тоа правило за да можеме да ги спроведеме реформите. Доколку имаме коалиција со политичката партија ДУИ, тогаш секако дека тие луѓе кои што се инкриминирани и за кои имаме основано сомнение, нема да бидат ниту во мојот кабинет, ниту ќе бидат дел од институциите. Но, ќе направиме се што е во наша моќ албанската опозиција да биде нашиот коалициски партнер, рече Мицкоски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.