Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, во денешното интервју за Гласот на Америка открива дека работната група која ги изготвувала шокантните измени на кривичниот законик не го дочекала мислењето за содржината од Антикорупциска, пред да бидат изгласани набрзина во Собранието.
За Ивановска најчудно е тоа што во испратената содржина за која се барало мислење од ДКСК воопшто ги немало спорните членови со кои се намалуваат казните за функционерите и службените лица.
„Ние веднаш реагиравме на донесувањето на тој закон. Од повеќе причини беше предизвикана нашата реакција, пред се порани начинот на носење. Се донесе по скратена постапка, со европско знаменце, односно се донесе на начин кој не овозможува јавна расправа и не овозможува мислењето на експертите да дојде до израз и уште повеќе да се направи проценка на штетите кои би ги направиле тие законски решенија. Тоа за нас беше клучно зошто сметавме дека таквиот начин на донесување без сите овие пропратни елементи само ја подгрева корупцијата во државата и придонесува за партиски пазарења и за трговија со влијанија, едни од клучните фактори, кои ја зголемуваат корупцијата.
Од министерството за правда имавме добиено нацрт верзија на 30 август за кое требаше да дадеме наше мислење до 20-ти септември, а во таа нацрт верзија не беа содржани овие спорни членови. Ние го пишувавме мислењето за таа верзија и наеднаш се случува нешто друго и во Собранието се изгласуваат измени на кривичниот законик, што беше многу изненадувачки за нас. Во исто време се изјасни и Врховниот суд, Советот на обвинители.
Значи има и други институции од каде е побарано мислење, тие не стасале да го дадат мислењето, а законот е веќе донесен со други членови. И што е најголем парадокс не знаела ниту работната група, што две години го пишува кривичниот законик. Сите овие околности фрлаат една грда слика за нашето општество, бидејќи го поткопуваат правниот систем и создаваат правна несигурност кај граѓаните. Да се менуваат казните тоа е цела наука. Треба статистички податоци колку често се појавува такво дело, кај кој вид на популација, да се направи една целосна анализа, па потоа да се каже ова често ни се случува треба да ставиме повисока казна, или не ни се случува често, треба да ставиме пониска казна, а не вака набрзина и преку ноќ“, открива Ивановска на едно од прашањата во интервјуто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.