Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК вчера ја одржа својата 4-та редовна седница, на која изврши детална анализа на Записниците од одржаните состаноци на ниво на синдикални организации на СОНК, а во врска со носење Одлука за Генерален штрајк.

На седницата, неминовен беше заклучокот дека Советот на СОНК го почитува социјалниот дијалог и дека во изминатиот период оствари повеќе средби, како со Владата, така и со социјалните партнери МОН И МТСП, за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. Но, за жал, во овој временски период, по однос на нашите барања, нема никаков резултат. Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања. По опширната расправа на седницата, земајќи го во предвид изјаснувањето на огромен процент на членството за организирање на штрајк, Советот на СОНК едногласно донесе Одлука за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би започнал на 11.04.2022 година, се наведува во соопштението.

Советот ги задолжи регионалните одбори на СОНК да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би се одвивал во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени.

Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат. СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студенските домови. Убедени сме дека нашата синдикална борба за остварување на социјални права ќе вроди со плод, при што конечно вработените во овие дејности ќе бидат достојно вреднувани, а со тоа и помотивирани за извршување на своите работни обврски, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.