За релативно кратко време делагација на организациите на македонските Бугари престојуваше во Софија на средби со бугарскиот политички врв. За време на дводневниот престој и разговорите со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и претставници на парламентарните партии како единствен заклучок може да се изведе ставот дека ставањето на македонските Бугари во Уставот на Македонија е главниот услов за симнување на бугарското вето за официјален почеток на нејзините преговори за членство во ЕУ.

Следејќи го настапот на на македонските Бугари на бугарските медиуми, пак, можеше да се стекне впечатокот дека дури тоа и не им е толку голем приоритет, колку што им е историјата, менувањето на учебниците и заштитата на бугарското културно-историско наследство. Особено забележлив во тој поглед беа настапите на претседателот на Граѓанската демократска унија, Петар Колев, и неговите споредби со тоа што учат и „низ што поминуваат“ неговите деца. Затоа што на некој таму му текнало да пишува дека нивните дедовци биле татари, фашисти, окупатори…

Беспредметно е да се навлегува во било каква полемика со кого и да е кога како заштитен штит и во првите редови се ставаат недолжни деца, без оглед чии биле тие, па било да станува збор и за децата на Колев.

Но, многу интересен беше настапот на новинарот Владо Таневски и помладиот Црномаров на БНТ. Елаборирајќи ги односите меѓу двете држави, како и своите ставови околу тоа дали Бугарија треба да го крене ветото или не, и конечно како македонските Бугари живеат во Македонија, во еден момент Треневски ќе рече:

-Македонизмот е опасна работа!

Додека младиот Црномаров од културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола меѓу другото, парафразирано, ќе забележи дека на македонските политичари не треба многу да им се верува, зашто едно зборуваат за време на нивниот престој во Бугарија, а нешто сосема друго кога ќе се вратат во Македонија. И за ова, ако не е гола пропагандна фраза, веројатно има лично искуство и останува субјективната оценка за тоа дали да му се верува или не.

Со почетокот на агресијата на Русија врз Украина, главниот уредник на агенцијата БГНЕС, Георги Пашкулев, се јави со коментар, чија содржина во најмала рака може да се оцени како скандалозна, загрижувачка и апсолутно спротивна од она што Бугарија постојано го тврди дека „нема ништо против Македонците“. Текстот е насловен како „Украинската драма не повикува да ги заштитиме бугарските национални интереси“, но во него има дел, кој директно се однесува на (зло)употреба на актуелната руско-украинска војна на сметка на Македонија, Македонците и македонизмот.

„…Русија одигра важна улога во нашата модерна историја, но ја загуби Бугарија со своите погрешни одлуки во пресрет и за време на Балканските војни, и со истите ископа ров меѓу нас.

Нашите интереси на Балканот се судираат. Не можеме да прифатиме поддршка и вооружување со руско оружје на криминалниот режим на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и континуираната поддршка на Русија за македонизмот и македонистичкиот проект, кој ги затру нашите односи со нашите браќа крај Вардар.

…Да бидеме достојни Бугари, да ја искористиме нашата географска положба како црноморска држава за да ги заштитиме бугарските и евроатлантските интереси во регионот на Западен Балкан, уништувајќи го еднаш засекогаш антибугарскиот проруски македонистички проект и Српскиот свет на диктаторот Вучиќ, помалиот брат на Рускиот свет на Владимир Путин“, пишува меѓу другото Пашкулин.

Толку мешање баби и жаби на мал простор немало одамна. Односите на Бугарија со Русија и Србија се нејзина работа, ама не треба да се заборави дека чисто руската творба Санстефанска Бугарија е основата на денешниот бугарски ревизионизам и шовинизам. И тоа да го заборавиш и вината за сломот на бугарското политичко проституирање со Големите сили во последните век и половина да го припишуваш на македонизмот е само ново политичко проституирање со истите тие Големи сили, се наведува во анализата на „Пресинг ТВ“.

Но, она што е можеби надвор од здравиот разум и вон секоја логика е од една страна барањето за впишување на македонските Бугари во македонскиот Устав, а од друга оценките за македонизмот како опасна работа и неговото стојалиште на антибугарски основи! Ако е така како што велат македонските Бугари и ревизионистичките и шовинистички бугарски политички кругови, тогаш кои се нивните вистински намери и цели? Да го заземат местото на Македонците во него? Или со нивното впишување во Уставот веднаш, по автоматизам ќе се уништи македонизмот и од тој миг ќе ги снема Македонците од овоземниот свет?

Ако ова се нивните намери и цели

Македонија и Бугарија се веќе НАТО сојузници и реакциите на руската агресија врз Украина се горе, долу исти. Ама тоа очигледно не допира ни до македонските Бугари, ни до ревизионистичките шовинистички политички кругови во Софија. Напротив, нивниот однос кон Македонија и Македонците во многу, ако не и во целост наликува на однесувањето на Путин кон Украина како непостоечка нација и држава, па му требаше војна за демилитаризација и денацификација. Да не треба и ние, Македонците, да го очекуваме истото?-анализира „Пресинг ТВ“.

Извор: „Пресинг ТВ“

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.