Велигден е ден кога сè сјае и блеска во прекрасна светлина која небото ја разлева над целиот свет. На Велигден, во нас возрасните, сместена е детската разиграност и неизгаслива радост, а, пак, во децата и со децата, ангелите ја слават најголемата победа некогаш извојувана, истакна митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар пред верниците во храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Велигден е голем ден, голема е радоста, голема е веселбата, се е торжествено, нагласи на утринската богослужба митрополитот г. Петар.
-Денес нема темнина, нема безнадежност, нема омраза, нема страдање, нема тага, нема болка… Денес има радост во нашите срца, денес ликуваат нашите души. Голем е овој Ден, голем е овој празник кој сега го празнуваме. Голема е радоста, голема е веселбата, сè е торжествено. Тоа го пропишал законот, тоа го извршил Христос. Со своите страдања, тој нè учи како да страдаме, а со своето славно Воскресение, ни дава можност како да се прославиме со Него, истакна митрополитот г. Петар во своето Велигденско послание до верниците од Битола.
Делото на овој ден е радост и веселба, да се зарадуваме и да се развеселиме, повика митрополитот г. Петар.
–Радоста и веселбата во овој Ден се заповед и без сомнеж единствената, преку чие исполнување, мракот се претвора во светлина, очајот во надеж, омразата во љубов, тагата во радост. Да бидеме светол украс на свадбената поворка која започнува од Христовиот гроб и завршува на небесата. Да го наполниме брачниот двор – храмот Божји и да земеме учество во ова величествено свадбено торжество, во кое сите се облечени во свадбени облеки и никој не се истерува од таму затоа што нема свадбена одежда. Да се насладуваме од велелепната и непресушна гозба која Господ ја приготвил за нас. Примете, црпете, вкусете сите, зашто таа изобилно ни се дава за живот вечен, нагласи митрополитот г. Петар честитајќи го големиот христијански празник Велигден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.