На денешната 133-та седница, Владата донесе Одлука за преземање на мерка за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, соопштија од Владата.

Со оваа одлука се предвидува дополнителните количини на електрична енергија да се обезбедат од домашно производство, односно од Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, кое ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 часот наутро до 01:00 часот по полноќ со полна моќност, односно ќе го исполнува максимално инсталираниот капацитет од 227 мегавати.

Оваа дополнително произведена количина електрична енергија ќе ја откупува АД „Електрани на Македонија” Скопје со сопствени средства.

Одлуката стапува во сила денеска и ќе важи до 31.01.2022 година.

Со преземањето на дополнителните количини електрична енергија ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со парно греење на потрошувачите во Град Скопје и, во исто време, при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.