Во Општина Тетово наскоро ќе се одржат нови избори за избор на општински Совет. Ова доаѓа како резултат на тоа што советниците не успеаја на време да ја усвојат Завршната сметка на Општината за 2021 година.

Сега ќе чекаме од Талат Џафери да ги распише изборите за локалната власт, тука за советниците, ќе го видиме датумот кога ќе го каже. Најдобро за општината побрзо да се одржуваат локалните изборите пошто во многу работи општината не функционира како што треба без Советот, вели Бесар Дурмиши, претседател на Советот.

Бројот на советници од коалицијата на власта и коалицијата на опозицијата се изедначи, откако не се успеа да се избере уште еден советник на место на неговиот претходник кој даде оставка. Поради ова, актуелната владејачка коалиција го изгуби мнозинство во Советот, односно силите станаа изедначени.

За неусвојувањето на Завршната сметка беше известена Владата која, според Законот за локална самоуправа, во рок од 30 дена требаше да се изјасни за натамошниот начин на работа на Советот. Владата со два дена задоцнување ја донесе одлуката и даде дозвола за распуштање на Советот, а на ред е претседателот на Собранието Талат Џафери да ги распише изборите и да одреди датум кога тие ќе се одржат.

Владата малку доцнеше со донесување на оваа одлука, но важно е дека е донесена. Ние сега ќе чекаме одлука од Претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги распише изборите за избор на Совет на Општина Тетово. Чекаме да го соопшти и датумот кога ќе се одржат овие избори, но за Општината најдобро е тие да се одржат што е можно побрзо. Без Совет на Општината во многу нешта ѝ е попречено да работи. Додека се закажат и се одржат изборите сите ингеренции не поминуваат на градоначалникот туку во негова надлежност ќе бидат само оние кои се од технички карактер за да може Општината да функционира и да не се блокира работата, изјави Бесар Дурмиши, досегашен претседавач на Советот на Општина Тетово.

Според некои предвидувања, изборите најверојатно би се одржале во втората половина на август. Советот на Општина Тетово брои 31 советник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.