Се тече, се се менува, само премиерот намесник Димитар Ковачевски останува ист! По неговиот настап на дневникот на Сител станува јасно дека Таче се однесува како да има двотретинско мнозинство за уставните измени во Собранието, со што продолжува да лаже и да ги манипулира и домашната и меѓународната јавност, пишува новинарот Предраг Димитровски во својата анализа за „Пресинг ТВ“.

Неговата реторика е како ништо да не се случило и речиси до последен збор е иста како по лидерската средба, што се одржа на почетокот на летово.

Единствената разлика е само во неговиот услов за поднесување оставка, што сега ја врзува за гласањето на уставните измени и веднаш одење на парламентарни избори.

-Ниту еден човек не се родил за да биде премиер, тоа е голема чест и одговорност, да спроведеш визија на граѓаните да живеат подобро и да бидеш со нив. И ако го погледнете моето експозе, за потребата од усвојување уставни измени, јас таму бев апсолутно искрен, што добиваме со ЕУ. Јас јавно кажав дека дента кога ќе ги изгласаме уставните измени, јас ќе поднесам оставка и ќе одиме на избори, кажа Ковачевски.

На лидерската средба, пак, Ковачевски самиот си „направи филм“ дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција го сменила ставот и оти како власт ги прифатиле сите услови и барања, што на средбата ги изнел опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Втората опција е, додаде тој во вестите на Сител, доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да станат дел од Владата, бидејќи тие зборуваа за општествен консензус, исто како што зборува и тој, половина од министерските места на СДСМ да ги отстапат.

-Услови имаат ДУИ да не учествува, тие поднесоа оставки, и другите албански партии кажаа еве и ние нема да учестуваме… Ќе бидат дел од Владата, ќе го завршиме целиот процес, ќе го завршиме скринингот, ќе отвориме едно или две поглавја и ќе затвориме едно од поглавјата. И ќе одиме на избори. Влада во која доминантно министри ќе има и ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, наспроти целата пропагандистичка логистика, ни тогаш, а ни на собраниската седница за уставни измени не влезе во „филмот“ на Ковачевски.

Оттука, апсолутно разочарувачки делува упорното терање инает на власта и опстојување на ставовите, што сами по себе се веќе прегазени од времето и во пракса само го продлабочуваат јазот и поделбите во целото општество-анализира Димтровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.