14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, 74-годишен фризер од Велес, кој исчезна три дена пред Вања се убиени од исти лица. Според МВР мотивот е „користољубие“ но сѐ уште полицијата не излегува со информација за конкретните мотиви. Вања исчезна на 27.11.2023, а Панче на 24 ноември. Телото на Вања е пронајдено во околината на Скопје, а Панче во околината на Велес.
Пред неколку дена беше пронајден и запалениот автомобил на Жежовски.
Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави – велат од МВР.
ОД МВР посочуваат дека се осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.
Вања со автомобил била земена пред влезот на живеалиштето. При распитот на проведените лица било утврдено дека Вања била убиена истиот ден околу 10.00 часот.
Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје. Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно беа вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеа исклучиво на овие случаи. Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации – стои во соопштението на МВР.
Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издадоа наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани се лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот е расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка.
Иако излегоа во јавност информации дека лицата кои се осомничени се пуштени на слобода и се пребегани во Косово, МВР посочи дека се работи за дезинформации. Според нив нема никаква етничка позадина и дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.