Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) објави глобално истражување, што детектира дека добросостојбата на луѓето и на планетата, премногу често зависи од рамнотежата на фискалните и финансиските ограничувања. Станува збор за анализата на целите за одржлив развој, реализирана во соработка со 95 земји во развој, вклучително и Македонија, која содржи посебни извештаи за секоја од овие држави. Во неа се потенцира дека стандардните практики за развој на овие држави, заради комплексните фискални и финансиски ограничувања, резултираат со јаглерод интензивни и неинклузивни исходи, соопшти УНДП.
Во делот за Македонија се посочува дека сите чинители треба да посветат поголемо внимание и да вложат повеќе ресурси во човечкиот капитал, создавањето пристојни работни места, поттикнување на научните истражувања, како и да се работи на одговорно ползување на природните ресурси и поттикнување одржлива економија.
На самитот на ОН за одржлив развој, УНДП повикува на меѓународна акција за остварување еколошки одржлив и инклузивен економски раст. Неопходно е преуредување на меѓународната финансиска архитектура и на домашните политики, кои ќе им овозможат на земјите подобро да ги усогласат своите фискални и финансиски ресурси кон целите на одржлив развој, се наведува во пишаната изјава на Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на Обединетите Нации.
Новите проекции покажале дека во последните три години, 72 од 95 држави ги зголемиле јаглеродните емисии, а кај 38 од нив, тоа зголемување е дури за 10 проценти. Истовремено, само една од пет земји, го намалила нивото на сиромаштија од 2019 година, додека таа останала на исто ниво или се зголемила во 72 од 95 земји.
Според директорката за интеграција на целите за одржливиот развој во УНДП, Лорел Патерсон, „анализата открива дека националните приоритети на владите како работните места, инфраструкурата, градовите и институциите може да доведат до поширока усогласеност на социјалниот, еколошкиот и економскиот напредок. Но, за да го направат тоа, овие приоритети мора да бидат поврзани со комбинирање на целите за одржлив развој.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.