Пред неколку недели е доставен новиот список за нова воена помош во Украина кој се уште е предмет на анализа во Генералштабот на Армијата. Ако можеме да одговориме позитивно списокот веднаш ќе до доставам до Владата и ќе биде усвоен, информира министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Таа во вечерашното гостување во Сител посочи дека Украина има потреба од секаков вид на опрема.
Имаат потреба од секаков вид на вооружување заради тоа што во зависност од тоа какви се нивните планови за водење на копнените и водените дејствија таков вид на опрема побаруваат од нас, посочи министерката.
Додаде дека досега се донирани 12 хеликоптери, за кои рече дека нема да бидат отуѓени сѐ додека не биде склучен договор и додека не бидат донесени во нашата земја новите осум хеликоптери.
Истакна дека сѐ уште не се знае од каде ќе бидат набавени, бидејќи се преиспитуваат дел од доставените понуди.
Петровска воедно најави набавка на воени дронови.
Дроновите се дел од најновата технологија која може да се користи меѓу другото и за војување и за заштита и гарантирање на одбраната на една држава. Беше презентирана анализата од Генералштабот на македонската Армија каде се разбира нивните насоки се позитивни, веќе работат на прецизирање каков вид на дронови и во колкав обем треба да бидат набавени и како сите ќе бидат инкорпорирани во нашиот систем. До крајот на ова година очекувам тимот кој е формиран во Министерството за одбрана и во Армијата да излезат со конкретен предлог за набавка за дроновите – изјави Петровска.
Петровска смета дека Македонија е безбедна, потенцирајќи дека еден од главните приоритети на земјата е зачувување на регионалната безбедност. Како што вели таа, заклучокот за безбедноста на земјата е извлечен врз база на информациите со кои секојдневно се располага.
Според неа, во ситуација кога има безбедносни жаришта на неколку локации во светот, потребно е акцент да се стави на постојаната размена на информации за безбедноста на државата.
Кога имате неколку локации во регионот и пошироко на кои се одвиваат какви било видови на воени дејствија или поместувања многу е важно безбедносно – разузнавачките служби да добиваат навремени и точни информации па вклучително и оние кои ги имаме од наши извори да ги споделуваме со партнерските субјекти – рече министерката за одбрана.
За состојбата во Косово, министерката посочи дека она што е потребно е будно да се следат случувањата, како и двете страни подеднакво да работат и да се вложат во надминување на препреките помеѓу нив.
Министерката се осврна и на инвестициите во Армијата при што ја спомена набавката на лесни оклопни возила од САД, системите за против воздушна одбрана од Франција, артилериските системи од Турција, како и текот на набавката на хеликоптери за кои се очекува набрзо да биде донесена конечна одлука.
Испораката на лесните оклопни возила ќе продолжи и во 2024 година, а до 2025 и 2026 година се очекува да пристигне опремата која е предмет на договорите со Франција и Турција. Во меѓувреме ќе пристигнат и двата хеликоптери кои се на ремонт во Чешка, рече Петровска, а во следниот период тимот задолжен за анализата за набавка на нови хеликоптери ќе реферира за предлогот за набавка – подвлече Петровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.