Афирмирајќи ја современата европска вредност дека сите треба да имаат еднаков пристап до правдата, артикулирана преку донесувањето на Законот за бесплатна правна помош, статистичките податоци покажуваат дека 3.266 граѓани добиле примарна правна помош во 2021 година, а 203 лица секундарна правна помош. За 53,7 отсто е зголемен бројот на барања за секундарна правна помош во 2021 година во споредба со 2020 година, а примарната правна помош е зголемена за 20 проценти, нагласи министерот за правда Никола Тупанчески во рамки на Форумот 100 дена од мандатот на новата Влада.
Оваа сесија прашања до членовите на владиниот состав, по однос на остварувањата за 100 дена мандат на новата Влада ја заврши заменик-министерот за информатичко општество и администрација (МИОА), Александар Бајдевски одговарајќи на покажаниот интерес од медиумите за остварувањата на Владата во однос на професионализацијата на администрацијата и дигитализацијата поставени како високи приоритети уште на почетокот на мандатот.
– Предложениот модел за реформа на администрацијата се заснова на начелата на рационалност, демократичност и транспарентност. Овие принципи се основа за градење професионална и политички неутрална администрација, каде политичките цели се исполнуваат преку активности на вработените во јавниот сектор под раководство на високите раководители, со што се овозможува ефикасност и рационална употреба на ресурсите во остварувањето на поставените стратешки цели и приоритети на Владата и другите релевантни институции од јавниот сектор, истакна заменик-министерот Бајдевски, кој додаде дека во изминатиот период активно се работи на законите којшто ја регулираат сферата на работењето на јавната администрација, како Законот на административни службеници, Законот за вработени во јавен сектор и Законот за високо раководна служба.
Во однос на Предлог-законот за високо раководна служба, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Бајдевски истакна дека е особено значаен во однос на професионализација и департизација на високите раководители во јавната администрација.
– Дигитализација на услугите, останува една од повисоките приоритети на МИОА и на целата Влада, чија цел е целосно отстранување на шалтерското работење. Се воспоставија неколку системи, меѓу кои системот за електронски услуги и системот за Централен регистар на населението, преку кои се развива и се овозможува користење на услугите на граѓаните. Сметаме дека треба да се следат современите трендови кога е во прашање дигитализацијата на услугите преку усогласување со стандарди кои директно влијаат врз квалитетот и безбедноста на даваните услуги“, посочи Бајдевски, кој информираше дека досега преку Националниот портал „Е-услуги’“ се реализирани вкупно 20.859 услуги, со над 70.000 регистрирани корисници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.