Моќен булдожер или багер може да заврши поголема работа и од хеликоптер, доколку условите на теренот дозволуваат негово движење за изработка на доволно широк противпожарен појас кој огнот не може да го помине, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во борбата со огнената стихија која почнувајќи од минатиот месец ја зафати Македонија, за нас како држава секоја помош е добредојдена. Затоа го активиравме ЕУ механизмот за цивилна заштита, но истовремено континуирано баравме помош на локално и на централно ниво, од домашни и странски градежни компании кои располагаат со тешка градежна механизација.
На големо задоволство на Главниот штаб за управување со кризи, помош во градежна механизација ни понуди компанијата Бехтел ЕНКА, изведувач на проектот за автопатите Коридор 8 и Коридор 10д. На конструктивна средба помеѓу директорот на ЦУК Стојанче Ангелов со претставници на Бехтел ЕНКА беше договорена нивна брза реакција доколку за гаснење на некој пожар се појави потреба од нивната градежна механизација.
Во среда попладне (07.08.2024 г.) од Бехтел ЕНКА побаравме итно да помогнат со еден моќен багер за проширување на пристапниот пат и ископување широк противпожарен појас околу воен објект над густо населената област кај село Челопеци во општина Кичево, за да се спречи ширењето на големиот пожар на отворен простор. Набргу потоа багерот беше донесен на потребната локација, веднаш почна со работа и рекордно брзо го изработи потребниот појас, велат од ЦУК.
Бехтел ЕНКА, исто така во четвртокот наутро (8 август 2024 г.) ја распореди својата опрема од трасата на Коридорот 8 во Делница 2, за да го ограничи и сузбие пожарот во непосредна близина на бачилото во села Бањица, општина Гостивар.
Голема благодарност до Бехтел ЕНКА за нивната отвореност за соработка како и брзата реакција со која беше спречено ширењето на овие застрашувачки пожари.
Ги повикуваме и останатите домашни и странски компании, доколку се во можност, со своите ресурси да помогнат во борбата против огнената стихија, се вели во соопштението на ЦУК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.