Трет ден беснее огнот во близина на дебарското село Гари на планината Стогово. Овој е еден од 13-те активни пожари низ Македонија, а гори мешана шума. Жителите во паника зошто пламените јазици се сè поблиску до селото. Велат, не гледаме дека нешто се прави оваа катастрофа да се спречи, објави МТВ.

Претседателот на месната заедница во село Гари, Стево Лазаревски вели дека ситуацијата е алармнтна, владее страв, луѓето почнуваат да ги напуштаат своите огништа. Пожарникарите заедно со шумската полиција се борат со огнената стихија. Очекуваат воздушна поддршка.

Според ЦУК, засега кај Гари има само чад, а пожарот е високо во планината. Воздухоплови ќе се употребат само ако има потреба, велат од ЦУК. Во Гари се ангажирани 10 припадници на Национални шуми и двајца пожарникари со лесно возило кои се подготвени за дејство.

Според Џетан Мифтароски, командир на дебарската територијална противпожарна единица, засега интервенираат заедно со вработените на подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“.

Станува збор за планински, недостапен терен. Гореше сува трева и ситно стеблеста шума, но денеска е проширен и зафатена е високо стеблеста шума. Засега нема опасност за селото, но единствен спас е интервенција од воздух, која ја побаравме уште вчера, додава Мифтароски.

Се јавиле и доброволци од соседните села, но поради ризикот што доаѓа од огнот, нивната необученост и немање соодветна опрема, не им е дозволено.

Извор: МТВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.