Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со претставничката на UNICEF во Република Македонија, Патриција ДиЏовани ја промовираа новата комуникациска кампања насочена кон мобилизирање на нови згрижувачки семејства, со фокус на итни и специјализирани згрижувачки семејства кои можат да обезбедат специјализирана грижа за деца под специфичен ризик.

„ Во последниве неколку години во Република Македонија интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма. Секоја наредна година се стремиме да бидеме што подобри, работиме кон исполнување на најдобрите можности за децата без родители“ објасни Тренчевска во своето обраќање.

Министерката зборуваше и за важноста од поддршката на згрижувачките семејства и истакна дека со реформата на системот за социјална заштита за прв пат се предвидени центрите за поддршка на згрижувачки семејства кои треба да  вршат промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка,  проценка  и  обука  на  идни  згрижувачки, како и следење  и  давање на  поддршка  на постојните згрижувачки семејства.

Таа се осврна и на кампањата за згрижувачки семејства која ја спроведе министерството за труд и социјална политика заедно со UNICEF во 2018 година.

„Во 2018 година УНИЦЕФ и министерството за труд и социјална политика спроведоа кампања на национално ниво наменета за мобилизирање на нови згрижувачки семејства и подигање на свеста за нивната важност. Кампањата допре до 1 милион луѓе Со ваков достигнат успех денеска сум горда што ја промовираме новата комуникациска кампања за згрижувачки семејства со фокус на итни и специјализирани згрижувачки семејства“ рече Тренчевска.

Во моментот на територијата на Република Македонија има 360 згрижувачки  семејства во кои се згрижени 608 деца. Според Тренчевска спроведувањето на ваквите кампањи треба да придонесе кон зголемување на бројот на згрижувачки семејства. По обраќањето на министерката и на претставнничката на UNICEF од страна на присутните згрижувачи беа раскажани лични приказни за искуствата и мотивот за прклучување кон кругот на згрижувачките семејства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.