Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се обрати на 111-та сесија на Меѓународната конференција на трудот, што се одржува во Женева, Швајцарија, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот, чијашто членка е и Република Македонија.

Во своето обраќање министерката Тренчевска претстави дел од приоритетите на Владата на Република Македонија. И во таа насока таа го посочи приближувањето на ставовите и разбирањето помеѓу претставниците на работниците и  работодавачите како една од целите на социјалниот дијалог на кои Владата на Република Македонија им посветува посебно внимание.

„Неговата главна цел е, преку активно учество на главните чинители во светот на работата –  работодавачите, работниците и нивните претставници, да го подобри квалитетот на одлуките и политиките на една земја“, истакна Тренчевска . Таа потенцираше дека,  телата и процесите за социјален дијалог се моќно оружје за решавање на важни економски и социјални прашања, за справување со кризи, за поттикнување на добро владеење и социјална правда, за намалување на  нееднаквоста, закрепнување на економијата  и за промовирање на економски раст.

„Социјалниот дијалог води кон меѓусебно разбирање помеѓу општествените групи кои застапуваат различни интереси, со цел да се постигне решение за проблемите од взаемен интерес,“ посочи Тренчевска.

Таа ја истакна важноста на вклученоста на сите релевантни чинители во општеството.

„Години наназад, Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело на национално ниво, дејствува како форум кој е редовно консултиран за најважните предлог-закони, политики и мерки во социјално-економската сфера. Токму низ Економско-социјалниот совет се  дискутирани и произлегоа решенија и мерки кои беа одговор на последиците предизвикани од пандемијата, од енергетската криза, а се со цел да се помогне на стопанството, но и на работниците и ранливите категории на граѓани,“ истакна Тренчевска.

Таа се осврна на преговорите за Општиот колективен договор за јавниот сектор кои се во тек и чие последно потпишување датира од пред 15 години.  Процесот на консултации трае, информираше Тренчевска и огромно ќе  биде задоволството да дојдеме  до решение кое можеби  и нема да е совршено, но ќе биде резултат на успешен дијалог помеѓу Владата и социјалните партнери.

„Соочувајќи  се со предизвикот  на вработувањето на младите лица откако ќе го заокружат образовниот процес, долгорочната невработеност и честата вклученост во неформална работа, увидовме потреба од системски пристап во решавањето на проблемите со кои се соочуваат младите во Република Македонија односно намалување на младинската невработеност и зголемувањето на вработливоста на младите лица,“ рече Тренчевска.

Притоа ја посочи Гаранција за млади како една од Европските носечки иницијативи кој има за цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Македонија, квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практиканство.

„Република Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, а од 2018 година и во континуитет успешно го спроведува проектот Гаранција за млади. Така, од нејзиното воведување во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во истата. Речиси 40% од учесниците, добиле понуда за вработување, континуирано образование и обука и беа вклучени во практикантство, што се смета за позитивен исход,“ истакна Тренчевска.

Министерката Тренчевска ја предводи македонската делегација на Меѓународната конференција на трудот во Женева. Како дел од делегацијата секоја година учествуваат и претставници на министерството, репрезентативниот синдикат и репрезентативното здружение на работодавачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.