Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов за денеска попладне најави средба со мандатарот за состав на новата влада и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, со кој како што рече, уште еднаш ќе разговараат за програмските приоритети на партијата кои сакаат да влезат во владината програма. Ќе разговараме, потенцира Трајанов, и за кадровските решенија и за барањето земјава да биде една изборна единица, од кои, како што најави, ќе зависи и поддршката на Демократскиот сојуз за новата влада.
Ковачевски треба да нè информира за тие имиња што не се познати, да ги презентира. Затоа што и поддршката, не само на ДС, туку и на другите партии, исто така ќе зависи од кадровскиот состав на владата. Ако имаме предлози кои што не можеме да ги поддржиме тоа значи дека тоа јавно ќе го соопштиме. Очекуваме транспарентност. Во оваа фаза можеби не ќе може да се објавуваат предлозите бидејќи уште се разговара, но очекуваме да бидеме информирани ние како партии, а верувам и другите партии. Ако има некаква информација, мандатарот има можност да ги соопшти имињата претходно или тоа ќе го направи кога ќе го достави предлогот до Собранието. Ако не се согласуваме, нема да гласаме, тоа е просто и едноставно. Ако не се сложуваме за програмските определби, за составот на владата тоа значи дека која било партија нема обврска да гласа, особено што сега има најмалку 64 пратеници во парламентарното мнозинство, некои од партиите може и да не ја поддржат владата, рече Трајанов.
Тој, во изјавата дадена пред Уставниот суд по доставувањето на иницијатива за преименување на одредби од Изборниот законик, нагласи дека тие како партија не барале министерско место без ресор.
Ние сме против тоа како партија. Вештачки да градиме етнички баланс во владата тоа не го прифаќаме. Но, тоа инициравме и поддржуваме, можеби партиите на турската етничка заедница да имаат министер за странски инвестиции бидејќи може тој полесно да дојде до компании кои сакаат да инвестираат во Македонија, особено од Турција, меѓутоа и пошироко од Балканот. А за други министри апсолутно не прифаќаме да се шири на тој начин. Вие знаете дека има проблеми околу составот на владата затоа што владата нема да биде одраз на соодветна етничка застапеност, ќе има дебаланс, меѓутоа ќе видиме тој процес како ќе го изведе до крај мандаторот Ковачевски, рече претседателот на Демократскиот сојуз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.