Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека Управнот суд донел пресуди со кои се поништуваат владините одлуки.

Како што појаснува тој, станува збор за две решенија за формирање на комисии за распоредување и една телеграма за спроведување на интерен оглас за пополнување на слободни работни места во МВР донесени од моја страна, а кои беа незаконски поништени од страна на Владата.

-Имено, Управниот суд оцени дека тужениот орган при донесување на оспорените одлуки сторил повреда на правилата на постапката, предвидени со член 48 од Законот за Влада, од причина што во ситуација на несогласување помеѓу министерот и дополнителниот заменик во Министерството за внатрешни работи кое произлегува од доставените известувања на дополнителниот заменик на министерот во врска со тоа дали предметните акти кои се донесени од министерот претставуваат правно, финансиски и кадровско прашање кое се однесува на организација на изборите, Владата се впуштила во оценување на законитоста иако била должна да ги упати страните ова спорно прашање да го решаваат пред Државната изборна комисија која е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до Министерството. Според наоѓање на судот, ДИК е единствено надлежен орган да утврди дали актот спаѓа во групата на акти кои се одобруваат од дополнителниот заменик во МВР.

Со вака донесените пресуди Управниот суд потврдува дека предметните акти донесени од моја страна се во согласност со Законот за Влада и другите закони и подзаконски акти кои ја регулираат оваа материја, а во исто време Владата постапила спротивно на законот односно погрешно го применила материјалното право.
Исто така, овие пресуди се доказ дека ваквите одлуки на Владата имаат исклучиво политичка позадина и истите оставаат црна дамка во целокупното спроведување на демократски, фер и слободни избори, истакнува Тошковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.