Премиерот Димитар Ковачевски, попладнево телефонски разговорал со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, честитајќи му го изборот за премиер и посакувајќи му плодна и успешна работа. Ова е прв телефонски разговор и прв контакт на премиерот Ковачевски со неговиот грчки колега.
Двајцата премиери се согласија дека односите меѓу двете земји се на одлично ниво, и дека ќе продолжи да се гради и зајакнува партнерството. Претседателот на Владата Ковачевски му се заблагодари на премиерот Мицотакис за поддршката што тој во континуитет ја дава за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ и го запозна со некои од резултатите од посетата на премиерот на Бугарија Петков на Скопје и од возвратната посета и заедничката седница на владите во Софија, се наведува во соопштението од владината служба за информирање.
Низ взаемно почитување и дијалог базиран на европски вредности, верувам дека можеме да најдеме решение во интерес на двете земји и народи – истакнал премиерот Ковачевски во телефонскиот разговор со неговиот грчки колега Мицотакис.
Премиерите Ковачевски и Мицотакис разговарале и за економската соработка, соработката во енергетиката, културата и други важни области, при што договориле и за заедничка средба во рамки на Делфи Форумот во Атина кој треба да се одржи во текот на април.
Мицотакис ја повторил поддршката на Грција за европската перспектива на Западен Балкан и Македонија, согласно поставените критериуми
Грчкиот премиер, според неговиот кабинет, нагласил дека оваа поддршка е „директно поврзана со целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, што исто така е дел од пристапниот процес”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.