Арбен Таравари останува лидер на Алијанса за Албанците (АА). Партијата денеска во Тетово го одржа својот трет конгрес, кој е вонреден, откако по лошите изборни резултати на вонредните избори за Совет на Општина Тетово, тогашниот претседател на партијата Зијадин Села даде оставка. За в. д. претседател беше назначен Таравари, а денеска тој беше единствен кандидат, ја доби поддршката од речиси сите делегати, со 512 гласови „за“, еден против и двајца биле воздржани.

„Денеска го одржавме третиот вонреден конгрес на партијата каде направивме некои промени во Статутот на партијата кои досега не беа предвидени, на пример доколку претседателот на партијата дава оставка, а воведовме и една нова функција – претседател на Собранието на партијата. Донесовме и Кодекс за однесување во партијата. Последна точка ни беше избор на претседател на партијата каде со мнозинство гласови добив поддршка да бидам претседател во наредниот период. Генерално, досегашните политики на партијата и понатаму ќе продолжат. Кажавме дека од утре почнуваме со континуирана кампања која ќе трае додека не се одржат наредните избори, без разлика дали тие ќе се одржат во 2023 или во 2024 година. За влез во Владата сè уште немаме нешто конкретно. Дека имаме контакти тоа е неспорно тоа и досега сме го кажале, но дека немаме одлука и тоа е сигурно. Ќе чекам да се формираат партиските тела, па затоа ќе настојувам што побрзо да се одржи Собранието на партијата за да го избереме и Централното претседателство за да функционираме онака како треба. Без нив ќе излезе дека само еден човек одлучува за сè“, изјави Таравари.

Села денеска истакна дека АА треба да ја води единствениот кандидат за претседател на партијата Арбен Таравари. Вели партиите не можат да бидат сопственост на поединец, а Алијанса припаѓа на Албанците.

„Денеска се собравме да го избереме првиот меѓу нас во наредните 4 години, референца ми беше и мислев дека тој што ќе треба да го продолжи патувањето на АА е мојот пријател Арбен Таравари. Политичките партии не можат да бидат сопственост на поединец, а јас денеска сум тука со најголема гордост да кажам дека го одржав зборот како што ги одржав многу други зборови до сега. АА никогаш не припаѓала на Зијадин Села и нема да му припадне на никој друг, освен на Албанците“, рече меѓу другото Села.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.