На платото пред базата на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, во касарната „Илинден“, во присуство на претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, полициски аташеа при амбасадите во земјава, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за Јавна безбедност во МВР, свечено беше одбележана 41-ата годишнина од формирањето на оваа специјална единица.
Оваа специјализирана полициска служба е една од најсложените во безбедносната структура на МВР, во име на специфичните, сложени задачи и динамични предизвици што пред неа се поставуваат во секојдневното работење, неопходно е секогаш да биде целосно подготвена, технички и кадровски опремена до перфекција.
Министерот Спасовски потсети дека оваа Единица претходниве неколку години беше дел од врвни обуки во земјава и во странство, во рамки на меѓународни и европски проекти, како онаа во Република Германија со Европската команда на американската војска – Зелени беретки, со специјалците – карабинери од Италија, со специјална единица „УРНА“ во Чешка, со австриската „КОБРА“, со француската „РАИД“, а секогаш посебен белег остава учеството на припадниците на оваа Единица во бројни тактичко-оперативни вежби со национален и меѓународен предзнак.
Командантот на САЕ „Тигар“ Митко Даневски во своето обраќање рече:
Следејќи ги светските трендови, новите форми на дејствување на организираните криминални групи, радикализмот и насилниот екстремизам, а со цел да се даде ефикасен одговор преку спречување на истите, САЕ ‘Тигар’ континуирано се усовршуваше и модернизираше, за денес да можеме да кажеме дека Единицата претставува високопрофесионална, организирана и врвно опремена формација во рамки на МВР и безбедносниот систем во државата. Особено сакам да го истакнам фактот дека припадниците на САЕ ‘Тигар’ се одликуваат со висок степен на подготвеност, мотивираност и силна посветеност во извршување на своите задачи, а посебно место во историјата на нашата единица имаат припадниците, кои извршувајќи ја својата должност, на првите борбени линии, го дадоа и најдрагоценото – ги положија своите животи“.
Командантот Даневски порача дека САЕ„Тигар” беше и продолжува да биде чувар на уставниот поредок на државата, во борбата против тероризмот и организираниот криминал, гарантирајќи ги мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на нашата држава.
Во текот на свеченоста официјалните делегации им оддадоа почит на загинатите припадници на САЕ „Тигар“, положувајќи цвеќе на Спомен плочата, а беа доделени признанија, благодарници за соработниците, јубилејни плакети за 5, 15, 20 и 30 години во службата на припадници на Единицата, како и признание за најдобриот припадник за изминатата 2021 година, а присутните имаа можност да погледнат една тактичко-показна вежба на припадници на „Тигар“, насловена: „Упад во објект од воздух и копно“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.