Судските службеници утре излегуваат на протест, кревајќи го гласот за повисоки плати. Во периодот од 13:30 до 15:30 часот пред судски совет ќе се собере судската администрација која бара зголемување на платите кои, како што велат, сега изнесуваат 20 000 денари. Утре во 14 часот, како што информираат Независниот синдикат на судската администрација и Здружението на судсна администрација, организатори на протестот, се повикани претставници на средба со Претседателот на судски совет.

Потребно е да се чуе гласот на судската служба однадвор, енергијата на незадоволство да биде поддршка на нашите претстваници утре. Да бидеме масовни, да бидеме сплотени и успешни – велат организаторите.

Синдикалниот марш ќе започне пред платото на Кривичен и Граѓански суд во Скопје, а ќе заврши пред зградата на Судски совет. На протестот се приклучува и судската администрација од Врховен суд. Од Независниот синдикат на судска администрација информираат дека од 9 до 11 часот ќе се одржи протест и во другите градови.

Ќе протестираат административците основните судови во Охрид, Кичево, Кавадарци, Струга, Штип, Гевгелија, во Свети Николе, Берово, Гостивар, Радовиш, Велес, Дебар, Куманово, како и од Апелационите судови во Штип, Гостивар и Битола.

Од Синдикатот велат дека не бараат нешто посебно од Министерство за финансии, туку средствата „кои се доделени со закон“.

Имено, во Законот за судски буџет во член 4 е предвидено дека заради функционирање на судската власт се утврдува износ од најмалку 0,8 проценти од Бруто домашниот производ. Тие 0,8 проценти ние не ги добивме, каде отидоа тие пари? Државниот завод за ревизија излезе после нашата прес-конференција со информација дека тие пари Владата ги потрошила за себе. Од финансиите на судот, они си ги потрошиле за себе, соопштија минатата недела од Независниот синдикат на судска администрација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.