Пратениците на СДСМ не си ја заработуваат ниту платата. Во период од јули до декември 2021 година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале три пати повеќе активности од тие на СДСМ, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во споменатиот период пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале 109 дискусии во Собранието, наспроти 36 од страна на СДСМ. Идентично е и во бројот на репликите каде пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат 127 реплики, додека тие на СДСМ имаат 83 реплики.
Исти се и бројките кога ќе се погледне соодносот на власта и опозицијата. Имено партиите од опозицијата имаат 128 дискусии во периодот јули – декември 2021 година, наспроти 54 на тие од власта. Соодносот кај репликите е 130 наспроти 93.
Бројките од активностите во Собранието покажуваат дека пратениците од СДСМ и ДУИ не си ја работат работата и не си ја заработуваат ниту платата.
Оваа статистика покажува колку пратениците на СДСМ и ДУИ се само марионети на Заев и Ковачевски, наместо пратеници кои ќе креираат законски решенија тие се гласачка машина за Заев и Ахмети и сега нивниот администратор Ковачевски.
Тие треба да ги изгласаат сите штетни закони за државата и народот, а кои му носат профит на врвот на СДСМ и ДУИ како што е законот со кој се уредува одгледувањето на канабис и дозволата на извоз на чист цвет, наместо масло. Или пак како што е законот за создавање на паралелна видеолотарија проект кој го туркаше Груби, а за кој што граѓаните на Тетово, Гостивар и други места се изречно против.
Затоа е и нервозата кај СДСМ и ДУИ бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и до сега се спротивставија на сите штетни закони и не дозволија нивно проаѓање во Собранието, но тоа ќе биде скоро и невозможно во наредниот период. Со активната блокада нема да дозволиме ниту најмала шанса да поминат лоши закони и ќе ја притиснеме власта на избори.
Од друга страна пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат со предлагање на законски решенија за подобар стандард на граѓаните, додава Стојаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.