САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал и искоренување на корупцијата, велат од прес-службата на Стејт департментот, во одговор на прашањето дали САД се една од петте држави што обезбедиле меѓународна правна помош за прибавување докази во истрагата за „Скопје 2014“, на Гласот на Америка на македонски јазик.
Основното јавно обвинителство во петокот соопшти дека спроведува истражна постапка против 15 физички и седум правни лица за злоупотреба на службена положба и перење пари за 11 споменици, при што наводно биле испрани над 16 милиони евра буџетски пари.
Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции, изјави портпарол на Стејт департментот.
Како што пренесува „Гласот на Америка“ на македонски, во изјавата стои дека „ лидерите на Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.
Меѓу осомничените во истрагата, со кодно име „Феникс“, се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, како и ексминистрите за финансии и за култура Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска. Поранешниот градоначалник на општина Центар Владимир Тодоровиќ доби мерка куќен притвор, а изречени се и други мерки притвор и полесни мерки за обезбедување на осомничените.
Според официјалните информации на Обвинителството, кои беа презентирани на прес-конференција, кривичното дело било извршено во перидот од 2007 до 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.