Судот на Никола Груевски да му изрече највисока казна, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената, побара јавната обвинителка Лиле Стефанова на денешните завршни зборови за предметот „Плацеви на Водно“.

Таа побара и конфискација на неговите станови вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”. За Стефанова, исклучително важен бил исказот на обвинетиот Ристо Новачевски, па за него предложи условна казна. За обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев таа побара минимални казни, а го информира судот дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.

„Никола Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот. Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствата кои му се ставаат на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент” за становите во Панорама“, рече обвинителката Стефанова.

По ова со реакција на Фејсбук излезе и Никола Груевски. Тој смета декане било тешко да се претпостави дека обвинителката Лиле Стефанова во завршните зборови денес ќе побара од судот максимална казна за него, а минимална за Јордан Камчев и условна за Ристо Новачевски.

„Таа денес во завршните зборови за се што не обезбеди доказ, а не обезбеди доказ за ништо, коментираше со вокабулар “докажавме…”. Изјавите во судот на обвинетите во теоријата и праксата на правото не се сметаат за доказ бидејќи обвинетите може и да лажат за да се спасат, но тоа е единствениот начин како обвинителството ќе се обиде да се спасува од пораз во овој конструиран предмет, како дел од политичкиот прогон кон мене. Предмет во кој обвинителството не обезбеди ниту елементарен матерјален доказ, ниту вербален доказ кој директно од сведоците ме посочува мене дека навистина сум купил и криел земјишта и станови, ниту влез и излез на мои пари или на лица поврзани со мене, ниту пак можеше да обезбеди бидејќи тоа не се случило“, пишува Груевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.