Владата го прекина социјалниот дијалог, а последниот состанок на Економско-социјалниот совет се одржа во мај оваа година. Методологијата од Владата се најавува од почетокот на годината и успешно се одолговлекува, а личниот доход не е израмнет со минималнатана плата, додека пак потрошувачката кошничка и инфлацијата драстично се зголемија во последните месеци, истакна претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски.

Тој на дебатата со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска вчера на „Топ тема“ ја нагласи важноста на одржување на таа врска преку социјален дијалог, кој според него, е клучен во оваа економска криза за надминување на проблемите со кои се соочуваат работниците.

Првиот човек на ССМ ја оцени како перфидна играта на Владата и Стопанската комора на Македонија за неделата да биде работен ден во туристичките места. Според него тоа барање може да се продлабочи, односно во целата држава да се побара да биде неделата работна како што сакаше СКСМ со иницијативата пред Уставниот суд да го стори, за што ССМ прави се од своите надлежности да не се дозволи правото на работниците да се злоупотреби, а Уставниот суд преку рефератот го потврди овој став на ССМ.

Министерката Тренчевска на вчерашната дебата во однос на покачување на платата и унапредувањата на работничките права, рече дека за реализација на сето тоа потребно е донесувањето на новата методологија за зголемување на платите, која треба да се воведе до крајот на годината.

Тренчевска рече дека Владата гради систем за постојан раст на платите, додека пак претседателот на ССМ Димовски смета дека тоа треба да се случи што поскоро бидејќи, како што рече, државата ќе нема на кого да ги покачи платите затоа што работниците веќе градат системи во туѓи држави.

Методологијата од Владата се најавува од почетокот на годината и успешно се одолговлекува, а личниот доход не е израмнет со минималнатана плата, додека пак потрошувачката кошничка и инфлацијата драстично се зголемија во последните месеци, се вели во објавта на страната на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Синдикатот нема да дозволи политиканство, народот е гладен, цените за храна и сметките се високи, се додава во објавата, покачувањето од 9.000 денари на минималната плата од 2017 година ќе остане незначително бидејќи вредноста на Синдикалната минимална кошница за декември 2017 година изнесувала 32.316 денари, а денеска е 48.234 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.