Повеќе претставници од европските асоцијации и организации за заштита и посредување со авторските и сродни права денеска во Скопје ќе остварат средба во Секретаријатот за европски прашања со вицепремиерот за европски прашања со Генералниот секретар на Владата на Република Македонија, Методија Димовски и претставници од Министерството за култура на која ќе се дискутира за решавање на повеќегодинешниот статус кво за регулирањето на аудиовизуелните авторски права во земјава, информираа од Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права – АЗАС.

Средбата ја организира Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права – АЗАС, која е единствената македонска организација за колективно управување со авторските и сродните филмски права во републикава во согласност со ЗАПСП, која ги вклучува авторите, изведувачите и филмските продуценти под еден покрив. Има дозвола за работа, издадена од Министерството за култура, единствена во нашата земја за колектирање на средства од аудиовизуелните дела уште од септември 2018 година. Членка е на најрелевантните светски и европски организации во оваа област и партнер на AGICOA.

И покрај дозволата и Законот за авторски и сродни права, кој е на сила од многу одамна, АЗАС сè уште не може да започне со активна работа и со наплата само затоа што нема активна Комисија за посредување во авторските и сродните права која треба да ја одобри тарифата.

За меѓународната заедница во која членува АЗАС заедно со гореспоменатите претставници од европските асоцијации, е неприфатливо по речиси четири години да не се помрднува од статус кво и да не се одобрува тарифата. АЗАС се надева дека средбата ќе придонесе за Владата сериозно да му пристапи на ова прашање и што е можно поскоро да најде начини за решавање на истото.

На средбата ќе присуствуваат високи претставници на партнерските организации на АЗАС од Европа и тоа, Реми Деросиер, Генерален директор на SCAPR (Societies’ Council for the Collective Management of Performers’ Rights) од Белгија, Сесил Деспрингр, Генерален секретар на SAA (Society of Audiovisual Authors) од Белгија, Хозе Мариа Монтес од Шпанија, директор за интернационална соработка во AISGE Шпанија, Јоан Каес, Генерален секретар на AEPO ARTIS од Белгија, Грегор Штиберник, генерален директор на Словенечката организација за колективно управување со авторските и сродните филмски права на изведувачите, авторите и филмските продуценти АИПА од Словенија и Петар Кеп, правник и оперативен менаџер во АИПА Словенија.

Мисијата на Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права е да се заштитат поголемиот дел од македонските автори, продуценти и изведувачи, и да се обезбеди фер, ефикасно и транспарентно применување и распределување на нивните колективни права.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.