Претседателот Стево Пендаровски имаше средба со министерот за европски и меѓународни прашања на германската сојузна покраина Cеверна Рајна-Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер, на која беше констатирано дека Република Македонија и Сојузна Република Германија во континуитет градат пријателски и партнерски односи.
Претседателот Пендаровски оцени дека соработката со Cеверна Рајна-Вестфалија, најголемата германска сојузна покраина, несомнено ја збогатува и севкупната билатерална соработка и пријателските врски со Германија, верифицирано и преку потпишаната заедничка декларација за соработка меѓу Македонија и Северна Рајна-Вестфалија. Во тој контекст беше реафирмирана и економската билатерална соработка која и покрај предизвиците со пандемијата, се уште е на високо ниво.
Во фокусот на разговорот беа евроинтеграциите, нашето европско досие во тој контекст, како и геополитичките случувања во поширокото соседство и влијанието од руската воена инвазија врз Украина, токму на политиката на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.
Претседателот Пендаровски изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна германска поддршка, информираше за последните предизвици кои Македонија ги има на патот кон ЕУ, нагласувајќи дека отворањето на пристапни преговори со Македонија и Албанија, не само што е заслужен и логичен чекор по одлуката на Советот на ЕУ во март 2020 година, туку во денешниот контекст и безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на регионот, како и на самата Унија. Пендаровски порача дека ЕУ мора да преземе стратешки исчекор и принципиелен став кон земјите кои покажаа целосна усогласеност со надворешната политика на Унијата, како нивни вистински и кредибилни партнери, споделувајќи ги истите вредности на слободниот и демократски свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.