Затворајќи го ова поглавје, сметам дека оставам наследство кое ќе служи како солидна основа за идните успеси, објави на неговиот фејсбук профил поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Мојот мандат во МВР беше период на интензивни промени, силни реформи и неуморна посветеност кон безбедноста на граѓаните. МВР го засили својот капацитет за борба против криминалот, корупцијата и незаконитоста. Воведовме нови стандарди и опрема во полициското работење, што значително ја подобри ефикасноста и транспарентноста на оваа институција. Овие напори резултираа со повисок степен на безбедност и доверба од страна на јавноста, наведува Спасовски.

Во 2015 година, додава тој, го затекнал Министерството како високопартизирано и криминализирано, коешто злоупотребувало човекови права, прислушувало над 22.000 граѓани, министерство кое што криело убиства, како она на Мартин Нешковски од страна на обезбедувањето на Груевски.

-Ќе ја спомнам „Вистината за Македонија“ која што ја објавивме низ разговорите, ќе потсетам за долгот од 40 милиони евра, ќе спомнам за субстандардните услови за работа на полициските службеници во најзатворената од заробените институции во државата. Ќе спомнам за историски најниското ниво на доверба кај граѓаните. Денеска, Министерството за внатрешни работи е една од трите најтранспарентни институции, со доверба кај граѓаните над 65 проценти, со статистика која говори за постојано намалување на вкупниот криминалитет и зголемување на ефикасноста. Така, 2023 година ја завршивме како година во која што имаме 8 проценти намалување на вкупниот криминалитет во споредба со 2022 година и за 4 проценти зголемување на ефикасноста. Имаме министерство коешто се состои од исклучително подготвен Оддел за специјални полициски операции и коешто успеа целосно да го обнови и консолидира Одделот за воздухопловни единици – за првпат воведовме можности за гаснење пожари од страна полициските воздухоплови, за првпат успеавме да поставиме систем за медицински транспорт со Медикоптер, посочува поранешниот министер Спасовски.

Тој се осврнува и на активностите за унапредување на капацитетите на МВР, на работните услови и платите на вработените во Министерството.

– Успеавме да реконструираме 80 објекти со 17 милиони евра, да изградиме нов ИКТ центар со комплетна информатичка инфраструктура, да го смениме системот којшто бил од осумдесеттите години. Да изградиме најсовремена форензичка лабораторија, да градиме нова полициска станица во Аеродром, да започнеме реконструкција на целиот систем на управни служби во објектот на МРТВ, со инвестирани 13 милиони евра да набавиме униформи и опрема. Успеавме да ја зголемиме платата на вработените за 35 проценти, да исплатиме 6 бонус плати. Покажавме како задоволна полиција може да испорача врвни резултати, наведува Спасовски.

Тој го подвлекува и значењето на соработката на меѓународно ниво во контекст на неговиот досегашен мандат како министер за внатрешни работи.

-Потпишувањето на Договорот со европската агенција ФРОНТЕКС, изразената доверба за организација на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во Охрид и 30. Самит на ОБСЕ во Скопје, зајакнувањето на врските со меѓународните партнери и релевантни организации покажа дека Република Македонија е одговорен и посветен партнер во глобалните напори за стабилност и сигурност. Така, според Глобалниот индекс за мир Република Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Балканот, во друштво на 40-те најбезбедни во светот. Затворајќи го ова поглавје, сметам дека оставам наследство кое ќе служи како солидна основа за идните успеси. Ви благодарам за можноста да докажеме дека концептот „МВР за Граѓаните” е успешен, пишува Спасовски во објавата.

Функцијата министер за внатрешни работи ја извршуваше од 11.11.2015 до 18.5.2016 година и во период од 2.9.2016 до 28.12.2016 година во Владата што требаше да обезбеди услови за спроведување фер и демократски избори, како и во периодот од 31.5.2017 до 3.1.2020 година. На 3.1.2020 година е избран за претседател на техничката Влада на Република Македонија. Од 31.08. 2020 повторно беше на чело на Министерството за внатрешни работи заклучно со вчерашниот избор на техничката Влада



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.